Шпанскиот стратег ја забележа својата 127. победа на клупата на ПСЖ во убедливиот триумф од 5:1 на гостувањето кај Лe Авр, во натпревар од деветтото коло во Лига 1. Со тоа го надмина Лоран Блан, кој имаше 126 победи како предводник на парискиот клуб.
На актуелниот тренер на ПСЖ му беа потребни 188 официјални натпревари за да стигне до рекордот, а од пристигнувањето во клубот во летото 2023 година има успешност од 67,6 проценти.
„Имам среќа што водам клуб на вакво ниво и што располагам со неверојатни фудбалери“, изјави Енрике за клупската телевизија по натпреварот. Шпанецот не го криеше задоволството од постигнувањето и изрази надеж дека ќе продолжи да испишува историја во Париз.
„Го започнавме натпреварот со истата концентрација како и секогаш, но имавме проблеми при противничките контранапади и така примивме гол. Сепак, на крајот доминиравме“, го коментираше Енрике триумфот над Лe Авр.
Тренерот беше задоволен и од фудбалерите кои добиваат помала минутажа.
„На играчите им е потребно да играат за да се чувствуваат комфорно и да го покажат своето ниво. Заслужуваат повеќе минути, но ова е Пари Сен Жермен“, објасни стратегот за Ligue 1+.
Енрике не ги штедеше пофалбите ниту за Ашраф Хакими, кој на натпреварот се истакна со хет-трик и две асистенции.
„Тој е најдобриот десен бек во светот, но не сум особено воодушевен од неговите три гола. Сакам да го гледам постојано на највисоко ниво“, изјави Енрике за француските медиуми.
Шпанецот ја објасни и необичната улога на мароканскиот репрезентативец во тактичкиот систем на ПСЖ.
„Кога ја имаме топката, тој е напаѓач. Има квалитети да го прави тоа што го прави, но мора да ги исполнува и дефанзивните задачи кога ја немаме топката“, додаде тренерот.

