Претседателот на Барселона, Хоан Лапорта, објави дека трансфер пазарот за клубот е официјално „затворен“. Во интервју за авторитативното издание „Ла Вангуардија“, тој потврди дека нема да има повеќе промени во тимот до крајот на месецот, ставајќи крај на сите шпекулации.
Двајцата млади таленти, околу кои имаше одредени прашалници – Марк Касадо и Марк Бернал – ќе останат дел од тимот на „блауграна“. Серија повреди и суспензии ги претворија двајцата да бидат неопходни играчи за тренерот Ханси Флик, кој сè повеќе им верува во последните натпревари. Касадо започна како стартер против Овиедо, додека Бернал одигра клучна улога во победата над Копенхаген. Двајцата играчи јасно изјавија дека нивниот главен приоритет е да го продолжат својот развој во Барселона, со што конечно се завршува дебатата за нивната иднина.
„Тие (Касадо и Бернал) се дел од формула за која веруваме дека функционира: комбинација од играчи од академијата со други кои имаат голем фудбалски талент. Тоа е она што ни носи успех, а го видовме и против Копенхаген“, изјави Лапорта за „Ла Вангуардија“. Со ова, зимскиот преоден рок на Барселона завршува со следниве главни движења:
Влезни трансфери: Жоао Кансело (на позајмица од Ал Хилал до крајот на сезоната)
Излезни трансфери: Марк-Андре тер Штеген (на позајмица во Жирона)
Лапорта го изрази своето задоволство од директниот пласман на тимот во осминафиналето на Лигата на шампионите. Тој не пропушти да истакне дека „од сите тимови во првите 8, единствениот што е во сопственост на неговите членови е Барса“. Запрашан за вечниот ривал Реал Мадрид, кој не успеа да влезе во првите 8, претседателот беше лаконски:
„Тие ќе се справат со своите работи“.
Претседателот на Барса, исто така, нагласи колку е важно што тимот го избегна плејофот, бидејќи тоа ќе му овозможи на Ханси Флик „подобро да ја испланира сезоната“. Покрај спортската и техничката предност, овој успех носи и сериозни финансиски придобивки за клубот во износ од 11 милиони евра.

