Инцидентот се случил на 17 октомври, на натпревар од третата лига во Еквадор меѓу екипите на Сиудад де Јанца и Рио Агварико. Во 96. минута, Перласа, кој се наоѓал на клупата за резервни фудбалери, фрлил камен кон помошниот судија Ленин Џовани Охеда Нуњез и го погодил директно во лицето. По инцидентот, натпреварот веднаш бил прекинат.
Фудбалската федерација на Еквадор соопшти дека судијата се здобил со тешки повреди и морал да биде подложен на оперативен зафат.
Казна до 2034 година, санкции и за клубот
Дисциплинската комисија го прогласи фудбалерот за виновен за физички напад и му изрече забрана за учество во сите фудбалски активности до 19 октомври 2034 година.
Дополнително, федерацијата најави дека од ФИФА ќе побара осумгодишната суспензија да важи на глобално ниво.
Казнет е и клубот Сиудад де Јанца, поради однесувањето на својот фудбалер, но и пропустите во организацијата и безбедноста на домашниот терен.
Клубот ќе мора да плати 2.000 долари казна, како и дополнителни 4.369 долари за медицинските трошоци на повредениот судија. Исто така, следните три домашни натпревари ќе ги игра надвор од општинскиот стадион во Јанца.

