Случувањата со Манчестер Сити добиваат нова димензија. Откако независната комисија на Премиер лигата го прогласи Манчестер Сити за виновен по речиси сите точки од обвинението, човекот чии податоци го потресоа европскиот фудбал пред неколку години сега се огласи.
Руи Пинто, човекот кој стои зад „Фудбал Ликс“, изнесе сериозни обвинувања против Џани Инфантино, денес прв човек на ФИФА.
Пинто тврди дека Инфантино бил свесен за неправилностите поврзани со Манчестер Сити уште во 2014 година, кога бил генерален секретар на УЕФА.
„Во 2014 година, имаше човек кој веќе знаел за неправилностите поврзани со Манчестер Сити. Тој човек денес е на чело на ФИФА“, напиша Пинто.
Но, тој не застана тука. Според неговите тврдења, Инфантино потоа ја искористил својата позиција за да му помогне на Манчестер Сити, но и на Пари Сен Жермен, клуб кој исто така се нашол под сомнение поради финансиски фер-плеј.
„Тој направил сè што е во негова моќ за да се осигури дека Манчестер Сити и ПСЖ добиваат само казни и на тој начин избегнал голема истрага што можела да доведе до исклучување од Лигата на шампионите“, рече Пинто.
Уште поинтересно е што Пинто тврди дека деталите за сето ова веќе се објавени преку „Фудбал ликс“ Токму документите добиени од Пинто некогаш станаа основа за новинарски истраги за финансиите на Манчестер Сити.
Германскиот „Шпигел“ и партнерите од “European Investigative Collaborations“ објавија материјал што предизвика поширока приказна, а Премиер лигата подоцна отвори своја истрага. Сега сè е повторно во центарот на вниманието.
Манчестер Сити е прогласен за виновен за речиси сите 115 финансиски прекршоци за кои е обвинет, додека клубот инсистира на својата невиност и најави жалба.
И Пинто, човекот чие протекување на податоци го потресуваше фудбалскиот свет со години, сега повторно отвора старо прашање. Што навистина се случуваше зад затворените врати на УЕФА кога Манчестер Сити и ПСЖ беа под истрага?
sportmedia.mk

