Барселона тргнува по Гвардиол?

20.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Барселона тргнува по Гвардиол?

Пред околу две и пол години Манчестер Сити го сруши рекордот за најскап дефанзивец во историјата, плаќајќи му на Лајпциг 90 милиони евра за Јошко Гвардиол. Хрватскиот репрезентативец брзо стана незаменлив член на првиот тим на Пеп Гвардиола, а неговите одлични игри го привлекоа вниманието на еден од најголемите клубови во светот – Барселона, која сега го гледа како голема желба, пишува каталонскиот Mundo Deportivo.

Шпанскиот великан веќе почна да крои планови за следното лето, а приоритет е засилување на одбраната. Клубот се соочува со два проблеми во последната линија: 26-годишниот Роналд Араухо мораше привремено да ја прекине кариерата за да се посвети на менталното здравје, додека договорот на Андреас Кристенсен (29) истекува на крајот од сезоната и поради високата плата клубот нема да му понуди нов. Поради тоа, Барселона интензивно го пребарува пазарот во потрага по најмалку еден врвен стопер.

Според пишувањето на каталонскиот весник, две имиња особено се издвојуваат како идеални решенија што би можеле да ја осигурат одбраната на Барса во следните четири до пет години: Јошко Гвардиол (23) и Алесандро Бастони (26) од Интер.

Иако станува збор за исклучително скапи играчи, а Барселона сè уште се бори со финансискиот фер-плеј, во клубот се надеваат дека до летото ќе ги решат проблемите со регистрацијата на играчи и ќе можат да работат без ограничувања. Во такво сценарио, Гвардиол и Бастони би станале главни цели.

Каталонците истакнуваат дека Гвардиол е дефанзивецот кој најмногу одговара на тоа што го бара Барселона, иако се свесни дека Манчестер Сити тешко се откажува од своите клучни играчи. Сепак, можниот замин на тренерот Пеп Гвардиола од клупата следното лето би можел да отвори ново поглавје во клубот и да ѝ оди во прилог на Барселона.

Тековната пазарна вредност на Гвардиол, според Transfermarkt, изнесува околу 70 милиони евра, додека Бастони е проценет на 80 милиони евра.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата