Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, на прес-конференцијата по шокантната елиминација од Купот на Шпанија и поразот од Албасете (2:3) во 1/8-финалниот натпревар од Купот на Шпанија изјави дека тој е главниот виновник за поразот.
„Во овој клуб, нерешено е веќе лошо, трагедија. Замислете пораз како овој. Болно е и сигурен сум дека сите навивачи се тажни, особено кога е против тим од пониската лига. Оттука, мора да се подобриме. Ако некој е одговорен за овој пораз, тоа сум јас, бидејќи јас сум тој што ги донесе одлуките во врска со поставата, како сакавме да играме, замените… Можам само да им се заблагодарам на играчите за добредојдето што ми го дадоа и напорот што го вложија денес. Ќе се обидам да им помогнам да се опорават ментално и физички, секако. Треба да се подобриме и да се вратиме на натпреварот во сабота“, вели Арбелоа.
На прашањето како ќе му го објасни овој пораз на претседателот на кллубот, Флорентино Перез, тој одговори:
„Немам потреба ништо да му објаснувам на претседателот на клубот, бидејќи, благодарение на неговото искуство, тој ја разбира ситуацијата многу поопфатно од мене. Тој е мадридиста и е претседател на клубот 25 години. Тој ја знае историјата на овој клуб. Ние сме победнички клуб и гледаме само напред. Веќе размислувам за Ла Лига и Лигата на шампионите, што се наши главни цели. Мораме да го оставиме ова зад нас“, рече Алваро Арбелоа.

