Џенова постигна усмен договор со Сантос за ангажман на 18-годишниот Робињо Жуниор, синот на поранешниот бразилски репрезентативец Робињо. Младиот напаѓач во италијанскиот клуб ќе пристигне на позајмица, со опција Џенова да го откупи неговиот договор. Информацијата ја објави познатиот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо.
Робињо Жуниор во моментов е во Италија, каде што ги завршува административните процедури, а во Џенова треба да ги мине и лекарските прегледи пред официјално да го комплетира трансферот.
Станува збор за офанзивен фудбалер кој може да игра на повеќе позиции во нападот. За Сантос дебитираше во сениорскиот тим во 2025 година, а сезонава има 13 настапи и еден постигнат гол. Сепак, последен пат играше на 21 јули и во последниот период добиваше ограничена минутажа.
Џенова претходно понуди десетмесечна позајмица со опција за откуп од осум милиони евра, но Сантос во прв момент ја одби понудата. Сега, по новите преговори, страните сепак постигнаа договор. За Робињо Жуниор, преселбата во Серија А ќе биде прва европска авантура и голема можност да го направи следниот чекор во кариерата.

