Русија со невидена сума пари во државната каса влегува во третата година од војната со Украина. За тоа секако придонесоа 37-те милијарди долари заработени од продажбата на сурова нафта на Индија во последната година. Новата анализа докажа дека дел од суровата нафта била рафинирана во Индија, а потоа извезена во Соединетите Американски Држави во вредност од повеќе од една милијарда долари, пишува <a href="https://edition.cnn.com/2024/02/19/europe/russia-oil-india-shadow-fleet-cmd-intl/index.html">Си-Ен-Ен.</a>
Индија го зголеми купувањето на руска сурова нафта за повеќе од 13 пати во споредба со обемот пред војната, покажува анализата на Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA).
На овој начин Њу Делхи купува сурова нафта наместо западните купувачи кои имаат ограничени опции поради санкциите предизвикани од руската инвазија на Украина, се вели во анализата.
Продажбата на руска сурова нафта на Индија не подлежи на санкции и е целосно легитимна, но испитувањето на бродските рути сугерира дека огромен обем на пратки може да вклучи „флота во сенка“ танкери за сурова нафта создадена од Москва за да скрие со кого тргува, максимизирајќи го профитот.
На почетокот на овој месец, Си-Ен-Ен пронајде два танкери кои стојат еден до друг во грчкото пристаниште Гитио со цел да префрлаат нафта од брод на брод, веројатно со цел да го сокријат потеклото и крајната дестинација. Двата танкери ја напуштија Русија неколку недели порано.
Едниот е во сопственост на индиска компанија обвинета за вмешаност во прекршување на санкциите, додека другата била во сопственост на поединец кој подлежи на посебни американски санкции.
- Трансферите понекогаш се прават легално, но почесто се користат како тактика за избегнување на санкции. Играта со бродови се обидува да ги збуни властите со информации за тоа од каде доаѓа нафтата и кој на крајот ја купува, рече Дејвид Таненбаум од Pole Star Global, компанија за мониторинг на бродови.
Десетици слични трансфери се случуваат секоја недела во грчкиот Лаконски залив, попатна станица на патот кон Суецкиот канал и азиските пазари. Претходно во февруари, американското Министерство за финансии воведе нов пакет мерки против бродови и компании осомничени дека помагале во преместувањето на руската сурова нафта што ги прекршува американските санкции.
На крајот на 2022 година, САД ја предводеа коалицијата на земји кои ветија дека нема да купуваат руска сурова нафта поскапа од 60 долари за барел. Тие нации, исто така, им забранија на нивните компании за транспорт и осигурителни компании, клучни играчи во глобалното поморство, да ја олеснуваат трговијата со руска сурова нафта над договорената цена.
- Ограничувањето на цените беше поттик за создавање на флота во сенка. Колку се подолги синџирите на снабдување, толку е потешко да се регулираат трансферите од брод до брод и да се одреди реалната цена на барелот, тврди Виктор Катона, шеф на анализа на сурова нафта.
<b>Како руската нафта го пробива патот до Индија</b>
Една рута што ја користат танкери за транспорт на сурова нафта од Русија до Индија вклучува пренос од брод на брод во Лаконскиот залив во близина на грчкиот брег, заедничко место за собирање на бродови од флотата во сенка.
Дел од трговијата со нафта меѓу Русија и Индија е отворена и директна, додека дел од сообраќајот е далеку покомплексен.
Pole Star Global ја истражувал рутата и пронашол повеќе од 200 бродови од Русија кои се префрлиле во Лаконскиот залив на друг брод кој го продолжил патувањето до Индија. Таненбаум вели дека се сомневаат дека примарниот мотив за тие трансфери е да се избегнат санкциите, бидејќи скоро сите тие бродови биле поврзани со САД или Европската унија и биле предмет на ограничувања на цените.
- Тоа е дел од рускиот методичен, систематски напор едноставно да се комплицира сè. Треба да имате добра причина да префрлите 60 милиони барели нафта преку океанот за да се извезат во Индија. Многу е полесно да не го направиш тоа и само да пловиш право, изјави Ами Даниел, извршен директор на Windward.
Флотата во сенка и овозможи на Русија да создаде паралелна поморска структура која може да го издржи товарот на западните санкции.
Windward проценува дека флотата пораснала на 1.800 бродови со нејасна сопственост минатата година.
Приходите на Русија пораснаа на рекордни 320 милијарди долари во 2023 година и се планира дополнително да растат.
Околу една третина од парите беа потрошени минатата година за војната во Украина, а остатокот е наменет за финансирање на конфликтот во 2024 година. Ресурсите со кои располага Кремљ ја ставаат Москва во подобра позиција да одржува долготрајна војна отколку Киев, кој се бори да го задржи протокот на парите од Западот.
Според анализата на јавните податоци на руското Министерство за финансии на економистот Хауард Шац, руските федерални приходи и расходи биле на највисоко ниво во историјата.
- И покрај скокот на приходите, дефицитот на федералниот буџет беше трет по големина, повисок само во 2022 и 2020 година. Даноците на домашното производство и увозот се високи и ефективни, што значи дека го оданочуваат сопственото население за да плати за војната, рече Шац.
Индија ги оправда купувањата од Русија како средство за одржување на глобалните цени пониски бидејќи не се натпреварува со западните земји за нафта од Блискиот Исток. Индискиот министер за нафта и природен гас Хардип Синг Пури рече дека ако се купи повеќе нафта од Блискиот Исток, нејзината цена ќе се зголеми од 75 или 76 долари на 150 долари.
Комплексната улога на Индија во глобалната трговија со нафта се рефлектира и во судбината на нафтените продукти во кои се претвора руската сурова нафта.
Дел од суровата нафта се рафинира во нафтени продукти во рафинериите на западниот брег на Индија, а потоа се извезува во САД и другите земји кои се согласија на санкциите. Производите рафинирани надвор од Русија не се опфатени со санкциите, кои критичарите ги нарекуваат дупка во законот за рафинерии.
Анализата на CREA проценува дека САД се најголемиот купувач на рафинирани производи направени од руска сурова нафта минатата година, со трансакции во вредност од 1,3 милијарди долари од почетокот на декември 2022 година (кога беше воведена ограничувањето на цената) до крајот на 2023 година.
Вредноста на извозот на нафтени деривати значително се зголемува кога во пресметката ќе се вклучат и американските сојузници, кои исто така спроведуваат санкции против Русија.
Според проценката на CREA, во 2023 година се увезени нафтени деривати во вредност од 9,1 милијарда долари, што е зголемување за 44 отсто во споредба со минатата година.
Москва на тој начин најде начин да се збогати преку овој процес на рафинирање и извоз.
Една од индиските рафинерии и пристаништа што прифаќа руска сурова нафта се наоѓа во Вадинар, а со неа раководи компанијата „Најара енерџи“, која е во сопственост на рускиот државен нафтен гигант „Роснефт“ со 49,1 отсто.
CREA проценува дека во 2023 година САД увезле нафтени деривати рафинирани во Вардинар во вредност од 63 милиони долари, а најмалку половина од суровата нафта е од руско потекло.
Аналитичарите наведуваат дека профитот од избегнувањето на санкциите е огромен и дека за четири или пет месеци може да се заработи од 10 до 40 милиони долари.
<b>(Vecer.mk </b><a href="https://edition.cnn.com/2024/02/19/europe/russia-oil-india-shadow-fleet-cmd-intl/index.html">VIA)</a>
<a href="https://vecer.mk/">Фото: </a>Профи