Русјаков

Неписмена колумна

8.10.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Неписмена колумна

Зјапам во списокот на дневни обврски. Не купувај млеко! Не купувај масло! Никако кашкавал! Ха, не ни мислев да купам кашкавал.

Низ животов, честопати луѓе ми се обраќале на англиски. Ти си од Шведска, велат. Од Германија си, прашуваат. Заради белата коса. Во такви ситуации се обидував да им објаснам зошто изгледам вака. Сега веќе не го правам тоа. Од Шведска сум, велам. Да, да, чистокрвeн Германец сум, потврдувам. Не им се потсмевам. И самиот сум убеден во тоа што го зборувам. Само треба да фрлам поглед на цените во продавниците и наеднаш сум Александар Русјаковсон од Гетеборг.

Продолжувам да зјапам во списокот на дневни обврски. Машина за перење не пушташ до десет часот навечер! Ма, воопшто и не ја пуштај! Пери на рака! Со студена вода. Не смее да ти студи! Студот е само илузија. Облечи уште една блуза, два пара чорапи!

Превртувам низ умот математички проблеми. Парите за храна ги потрошив за сметките од минатиот месец. Сега парите за сметки од овој месец ќе мора да ги потрошам за храна. Може затоа ми ја исклучија струјата. Гледај позитивно, си велам. Ти исклучиле струја, значи немаш струја. Автоматски… штедиш струја.

Му се враќам на проклетиот список. Откажи ги гостите! Немаш со што да ги послужиш. Парите за грицки и пиво ги потроши на… а и немаш струја, човече! Ме фаќа паника. Немам струја. Па, како ќе напишам колумна? Го враќам погледот на списокот. Таму со големи букви пишува НЕМОЈ ДА ПИШУВАШ КОЛУМНА!!!

Уф, добро е, си велам. И онака не ми се пишува колумна. Изминатава недела, кога ќе помислев на неа, ме фаќаше паника. По реакциите за минатонеделната колумна, страв ми е да ја напишам денешнава, оти таков успех тешко се повторува. Патем, егото ми го вивнавте в облаци. Сега е бело, пуфкасто, како „кемтреил“ спремен за шмркање. Суетата стави шешир и почна да степува. А ха, ми свика смеејќи се горделиво, јас сум Фред Астер во светот на колумните. Само ти сонувај глупачо, ѝ вратив, колумната јас ја напишав, а не ти.

Поглед кон списокот… Не купувај леб! Имаш јуфки од баба ти. Батали салама! Јајца не доаѓаат предвид. Ако те фати паника дека нема што да јадеш, сети се, ти си писател!
Да, јас сум писател. Книжевноста е уметност. Уметноста е повик, а не професија. Следствено на тоа, невработен сум. Заклучок: ако сум невработен значи сум функционално неписмен. Тоа е олеснителна околност. Не можам да ја разберам суштината на ужасот во кој се наоѓам. Воздивнувам со олеснување и фрлам уште еден краток поглед на списокот. Не купувај кафе! Имаш чај од поодамна.

Чај… Функционално неписмен… Кога имав струја, понекогаш гледав телевизија. Така открив кои се, за разлика од мене, функционално писмените луѓе. Тие унапредуваат образование и наука. Во секое време од ракав знаат да извадат нова агрегатна состојба на водата.

Како бе така… прашува неукото битие во мене.
Едноставно, како ехо ми доаѓа гласот на функционално писмените, студената вода се топли во ѓезве на рингла, преоѓа во англиска агрегатна состојба и станува топол чај што во пет попладне го пиеше покојната кралица.

Така е, сакав да се напијам чај. Го следам советот на функционално писмените. Одам до шпоретот, вклучувам рингла за да си направам чај и… па, ми ја исклучија струјата неколку пасуси погоре. Од немоќ ми влегува студ во коските. Се трудам да размислувам како функционално писмено суштество. Ако во топлата вода во радијаторот ја ставам ќесичкава нане, дали тогаш можам ем да си направам чај, ем да кажам дека се греам на чај? Ти немаш парно, глуп, се грееш на струја, а струјата ти е исклучена! И што да правам сега?

Гледам во списокот. Ако немаш што да правиш, измисли си нуклеарна енергија! Ако не знаеш од што да произведеш нуклеарна енергија, може да ја користиш нуклеарната глупост што те опкружува. Баш паметно од моја страна што сум го ставил ова во списокот. Барем за миг се чувствувам функционално писмен.

Еднаш разговарав со таков лик и пробав да се направам паметен.
Нуклеарна фисија е процес на радиоактивно распаѓање, при кој атомското јадро… почнав да блебетам нешто што ми останало во сеќавање од времињата пред да станам функционално неписмен.

Дај не гњави, ме прекина функционално писмениот, „Јадро“ се наполитанки.
Гледам во списокот. Не се глупирај, наполитанки се луксуз!
Си велам, да му се пожалам на функционално писмениот дека немам струја, дека ми ја исклучија…

…поради неплатени сметки, слушам како гласно си ја довршувам започнатата мисла.
Среќа, постојат функционално писмените како мене, започна тој, па можам да ти го решам проблемот со неплатените сметки. Поради вакви како нас, продолжи, откако ви ја донесовме новата нормалност, па станавме Нордистан, ова мало парче нордистанска земја е вруток на врвна функционално писмена мисла.

Да, знам, си мрчам во себе, од безумност произведувате енергија.
А моите неплатени сметки… му се обраќам со глупа гримаса на мојата функционално неписмена фаца… рече ќе ми помогнеш…

А што… новото име не ти ги плаќа сметките?
Не ми ги плаќа, велам срамежливо.

Чудно, се чуди функционално писмениот, а нам името Нордистан ни ги плаќа сметките. И уште, додава, ни ја полни корпата во продавниците. Ај, не се секирај, ме теши, само да влеземе во Европската Унија, па тогаш, и на вас функционално неписмените Унијата ќе ви ги плаќа сметките.
А кога ќе влеземе, прашувам.

Ех… се смешка мудро, тешко, како функционално неписмен, да разбереш. Тоа е еден вид нов Њутнов закон. Познат е како закон за пружината и јаболкото. Ако Нордистан е Едемска градина, низ него ја пружаш жицата нордистанска, седнуваш под дрвото на спознанието и додека чекаш да се исушат алиштата, сосема е логично да ти падне јаболко на глава, при што осознаваш дека тоа е гравитација што секогаш те влече кон евроинтеграција. Разбра?

Погледнувам во списокот. Не се труди да го разбереш нестварното количество безумност околу себе! Биди среќен што си функционално неписмен, па не си во умствена состојба да ја спознаеш нивната безлична форма без суштина. И да, ако веќе ја напиша колумната што не требаше да ја пишуваш, знај дека нема да биде добра како претходната, ама секако мораше да исфрлиш дузина зборови за да не ти бидат товар на душата.

Александар Русјаков

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата