Русјаков

Добриот Нордистанец

20.11.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Добриот Нордистанец

Пред да станам добар нордистанец, кога бев Титова измислица, небањат и лош Македонец, штом се кренев од сон, веднаш се фаќав за кафе и цигара. Сега, откако ми го бетонираа нордистанскиот идентитет, менталитет и имунитет (за него добивам бесплатно здравство низ ЕУ) најпрво се туширам. Со тенок млаз вода.

Најдов доволно тенки чешми за млазот да биде три милиметри. Во моментов барам чешми што работат на системот капка по капка за миење раце. Со тушот се измачив. Не можев да најдам толку мал туш што испушта толку тенок млаз вода, па на крајот го купив онлајн од познатиот „Лилипут топ шоп“.

По туширање, детално го проверувам станот. Не дај боже, може прекуноќ да ми се вселил некој белосветски криминалец со нордистански пасош, сместен на американска црна листа затоа што го поддржува Путин. Минатата недела таков шок доживеа комшијата Перо.

Му се напика дома Штокојмојшченко, озлогласен украински кримос со нордистански пасош и тетовиран Путин на грбот, нормално, држи три места на американската црна листа. Комшиката Цеце имаше повеќе среќа. Нејзе ѝ се всели Антипутиншченко, исто така украински криминалец со нордистански пасош, ама овој поддржувач на Зеленски и американски пријател гонет од руски служби. А за целава заебанција со светски кримоси што имаат нордистанско државјанство виновни се Русите, зашто ни ги подметнаа како евроатлантски настроени гангстери со западни вредности.

По деталниот претрес си правам цивилизиран доручек. Смути, цеден сок од авокадо и тост со путер од кикиритки. Кога бев измислен и нецивилизиран Македонец, наместо доручек, палев трета цигара и пиев второ кафе. Сега, пред да јадам, го фоткам доручекот, го ставам на Инста и на сите добри, евроатлантски настроени нордистанци со западни вредности под ноктите им посакувам добро утро.

Додека јадам проверувам вести. Хмм, изгледа сабајлево некои станале на лева нога. Студентите се лути. Владата ќе им укине бесплатен оброк. Не разбирам зошто се лутат. Само што не сме влегле во ЕУ, таму некаде по 2030 година. Ама членка сме на НАТО. Нема веќе диктатура. Блескаме. Образованието ни е финска бања. Не сме на Шангајска листа, но Шангај е во Кина, Кина е партнер со Русија, а Русија е бљак. Да имаше Вашингтонска или Бриселска листа нашите универзитети ќе беа меѓу најдобрите.

И не само тоа. Нема радиодифузна такса. Нема екстерно. Не постои оној страшен закон за образование што го донесе Груевски, па студентите се кренаа на револуција и умираа по улици. А сега дигаат џева за еден оброк. Па, нели новото име на државата на сите ни ги плаќа сметките? Со парите заштедени од сметки, секој може да си купи оброк.

Читам понатаму.

Другарот Таче, откако јадеше во студентската менза, на чист нордистански јазик рече „Студенти су у праву!“ Мене од сам почеток ми личеше на другарот Тито. Броз измислуваше народи, како македонскиот, кој за волја на вистината, ни направи само проблеми, а Таче сега измислува нов толковен речник на само нему познати зборови. Не дека и Зоче не беше како Тито, ама Тито од времето на Ранковиќ, а Таче сега е како Тито од времето на неврзаните. Не може да врзе два дена без афера. Тоа се лажни афери.

На сите ни е јасно, обелодени Тимчо, низ власта роварат злобни руски елементи директно извадени од Менделеевиот систем на елементи. Роварат руски елементи и во опозицијата, тоа власта ни го откри. Така е тоа со светското зло Русија. На власта ѝ прават лажни афери, а на опозицијата ѝ подметнуваат глупости.

По студентите, читам, аздисале и земјоделците. Државата ќе им ја зема земјата ако една година не ја обработуваат и ќе им ја дава на концесионери. Одлучна одлука. Земјата е за земање, затоа и се нарекува земја, а ваков закон треба да се воведе и за брачни заедници. Ако жената не му дава на сопругот една година, оди на концесија. И обратно. Не сака мажот да ја задоволи сопругата цела година? Државата го рента, па нека види дали ќе го возбудува таа што ќе му ја одберат.

Престанувам со читање вести. Изгледа деновиве многумина аздисале. Сфаќам, сакаат веднаш во ЕУ. И јас сакам, ама ене кај е „по 2030 година“. Не може веднаш. Иако Владата работи на тоа. Само треба да признаеме дека сме Бугари, Бугарија е во ЕУ, па како бугаронадежни нордистанци веднаш стануваме ЕУ-граѓани.

По читањето вести им се нафрлам на незадоволни пробисвети по социјални мрежи, терам „две минути омраза“ кон последните остатоци од небањати Македонци, хејтам опозиционери. Потоа ја воспевам власта, им аплаудирам на нејзините генијални потези во тешки времиња, оти светот е во криза поради Русија, па некој украл тоалетна шолја затоа што Русите се виновни, друг фатил руска кашлица, крадел лекови од болница и им ги препродавал на пациенти, трет, вработен во влада, ги помешал знамињата на Велика Британија и Австралија, оти се прејал руска салата, ама власта со сето ова машки (и женски, и трансџендер) се справува. На крајот малку релативизирам, па завршувам со „е па, ај, ако не, Грујо да го вратиме“.

Потоа излегувам надвор. Ја роварам населбата да не случајно некаде, намерно паднала руска ракета. По пат внимавам да не зацапам во вмровски континуитет. Ги избегнувам соседите што личат на Раде Шербеџија, Мустафа Надаревиќ и Ташко Начиќ, затоа што некои портали објавија дека Левица ги злоупотребува за политичка пропаганда.

Откако ќе се уверам дека никаде не паднала руска ракета, затоа што на Русите им е фуфка од Нордистан, застанувам пред гранапче. Разговараме за она што се случи во Полска и како Таче и Славјанка будно ја следат ситуацијата заедно со нашите стратегиски партнери Шолц и Столтенберг, кои рекоа дека ракетата што падна е украинска, ама Русија е виновна.

Миле е убеден дека Путин инфилтрирал руско влијание во украинските ПВО-системи за намерно да ја гаѓаат Полска, па да го внесат светот во трета светска војна, со што ќе направат дефокус од големиот пораз во Херсон, кога ја изгубија војната со Украина. Сите со согласуваме со Миле и спремни сме за мобилизација, ако НАТО го активира членот 5.

Кољо веќе истетовирал германска свастика на рамо, а Киев правилно го нарекува Киив. На крајот се појавуваат Мики и Вики со комплет Есенин и плочи „Пинк Флојд“ во рацете. Веднаш се фаќаме за работа и додека ги палиме песните на Есенин на кои се возбудувала Вики кога била глупа и ги кршиме плочите од „Пинк Флојд“ затоа што она копиле Роџер Вотерс ја вознемирува мадам Зеленски со своите посрани писма, дошло време за спиење и сонување политички коректни соништа какви што сонуваат сите добри нордистанци.

Александар Русјаков

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата