Научниците откриле претходно непознати вируси стари околу 15 000 години во примероците од мразот земен од Тибетанската висорамнина, објави во петокот Си-Ен-Ен.
Вирусите се различни од сите досега кои им се познати на научниците, тврди студијата објавена претходно оваа недела во списанието „Микробиом“.
Тим климатски научници и микробиолози од Државниот универзитет во Охајо зедоа два примерока мраз од врвот на ледената плоча Гулија во западна Кина во 2015 година, пишува Си-Ен-Ен.
Тие зедоа примероци од врвот на 6710 метри надморска височина и на Тибетанската висорамнина (6200 метри).
Откриле 33 вируси од кои најмалку 28 досега се непознати за науката, а преживеале затоа што биле замрзнати.
Вирусите се прилагодиле на екстремните услови и не се штетни за луѓето, изјавија научниците за Си-Ен-Ен.
Во мразот со текот на времето се таложи содржината од атмосферата вклучително и вирусите „Мразот е замрзната архива“, рече коавторот на студијата Лони Томпсон, професор на Универзитетот во Охајо и истражувач на Универзитетскиот центар за истражување Бирд Полар.
Релативно малку се знае за вирусите во глечерите, но на оваа научна област сега и се посветува повеќе внимание бидејќи глечерите околу планетата се топат поради климатските промени.
„Навистина го привлекува вниманието на јавноста“, истакна Томпсон, додавајќи дека пандемијата „ковид-19“ ја зголеми свеста за важноста на учењето за вирусите.