Подготвил: Зоран Ѓоршоски

Кога во една година ќе успееш да го освоиш првото место во Втората Лига – Запад , да се пласираш во елитата, таму пак да ги победиш Вардар, Шкендија, Работнички нашите најголеми клубови, да си на чекор до 1/2 финалето во Купот и како дебитант да завршиш на 6.место во Првата лига, секако дека треба и мора да се смета годината за успешна.

Ете повод СПОРТМЕДИА да направи новогодишно интервју со Арбтрим Ќира, претседателот на Струга Трим Лум. Млад човек, кој е заљубен во фудбалот.

„Покажавме дека Струга Трим Лум е успешна фудбалска приказна. Секогаш може повеќе, но јас искрено сум задоволен од се она што ни се случуваше нам во клубот во 2019 година. Секако дека не е мала работа прво во силна конкуренција да бидеш прв во Втората Лига – Запад. Потоа да се најдеш како дебитант покрај такви фудбалски величини во елитата,и да ги победуваш, а и добро да одиграш во Купот со шанси да се најдеш и во завршницата. Само со напорна работа на сите во Струга Трим Лум го сторивме тоа. Сепак мене најмногу ме радува податокот дека ние како стружани на нашиот град му го вративме елитниот фудбал по 25 години пауза. Сега Струга е прволигашки град, нашиот клуб се почитува, имаме добра посета. А се тргна со тој прв натпревар кога го победивме Работнички во нашиот прв прволигашки натпревар, кога пред 4.000 гледачи покажавме дека и ние знаеме да играме фудбал“ вели Ќира.

ПРЕКРАСНО Е ЧУВСТВОТО КОГА СЕ ПОБЕДУВААТ ВАРДАР, ШКЕНДИЈА, РАБОТНИЧКИ…

Струга Трим Лум, како никој досега дебитант, едноставно си ги “делкаше“ големите, гигантите во мак – фудбалот.

„Признавам  дека убаво е чувството кога се победуваат така големи клубови. Посебно бев среќен по триумфот над Вардар кога му ја прекинавме серијата без пораз која траеше можеби 11-12 натпревари. Покажавме дека имаме квалитет, имаме сила да се носиме со големите клубови, и да ги победуваме. Значи сме на добар пат да постигнеме уште поголеми резултати,  уште поголеми успеси“.

Велат дека Арбтрим се интересира и за најситните детали во екипата, во клубот.

„Па мора така да биде. Доста време одвојувам за Струга Трим Лум. Иако тука е и бизнисот, сепак задоволството е големо кога ќе појдам на тренинг, кога ќе видам како нашиот клуб победува на еден натпревар. Како Струга Трим Лум расте од ден на ден. Ние во Струга Трим Лум сме како семејство. Можеби затоа и имаме успеси“.

СЕМЕЈСТВОТО ЌИРА ЗАЕДНО РЕШАВА ЗА ГОЛЕМИТЕ ПРОЕКТИ ВО КЛУБОТ

Струга Трим Лум постои од 2015 година, и за само четири години од најнизок ранг влезе во Првата лига. Затоа се заслужни сите во семејството Ќира кое е финансиер на клубот. Ретки се фирмите и бизнисмените кои, како во случајот Трим Лум, се решаваат да финансираат во фудбалот во нашата земја.

„Заедно со мојот татко Менди, потоа мојот брат Лум, решаваме за големите проекти во клубот. Струга Трим Лум е семеен клуб, сите го сакаме фудбалот. Почнавме со вложување прво во 2009 година во Влазними од Струга, потоа во Велешта, Но некои работи кога не се твои не можеш да ги контролираш, затоа во 2015 година решивме да го основаме клубот Струга Трим Лум. И ете до каде дојдовме за само четири години. Нашата семејна фирма Трим Лум го финансира клубот. Познато е дека тешко е да се води и финансира еден клуб, резултатите треба да се очекуваат на долги патеки, но ете ние сме сигурни во себе, знаеме дека најважно е градот Струга да биде на фудбалската мапа во Македонија“.

Арбтрим не заборава да ги спомене своите први соработници во клубот.

„Секако, пред се тоа се директорот Бесарт Исаку и секретарот Мифтар Шаќири. Тие двајца се мои лични пријатели, тука е и мојот брат Лум, ние четворицата сме првите оперативци. Се знаеме долго време, и морам да ги пофалам Бесарт и Мифтар. Дечките си ја знаат работата. Ми се допаѓа што иако се млади, знаат да се снајдат во секоја пригода. Експресно да го решат било кој проблем. Сите ние, а посебно Бесарт и Мифтар, се 24 часа со мислите кон клубот. Само така се доаѓа до таа успешна приказна која ја нагласив на почетокот. Затоа еве можност да им се заблагодарам на Бесарт и Мифтар, на моите први соработници за тоа колку го сакаат клубот, колку се жртвуваат себе си за да ни биде добро на сите во Струга Трим Лум. Нас не врзува долго и големо пријателство. Ние функционираме како другари. Убеден сум дека така ќе биде и во иднина. А на крај кога ќе победиме тогаш заедно и прославуваме“.

КРАЈНАТА ЦЕЛ Е ЕВРОПА, НАСКОРО ПОЧНУВАМЕ СО ИЗГРАДБА НА СВОЈ СТАДИОН

Што може да се очекува во зимскиот преоден рок од Струга Трим Лум?

„Па, благодарение на тренерот Јетон Беќири, кој според мене е еден од најдобрите стратези во Македонија,па затоа и го донесовме, успеавме да создадеме добар тим. Имаме добри играчи, имаме квалитет, кој сепак треба да се надградува. Веројатно ќе се засилиме со две – три нови имиња, се со цел да бидеме уште поквалитетни за тоа што не очекува напролет. Ништо уште не е готово, ќе видиме дали сме успеале во мај, кога ќе заврши сезоната“.

Крајната цел според Ќира е Струга Трим Лум за извесно време да игра во Европа.

„Да, ние не криеме дека таа е крајната цел. Со сите овие вложувања, со сите овие години со клубот, сакаме да ставиме печат на клуб кој ќе игра во Европа. Сепак не се залетуваме, знаеме дека треба уште многу да учиме, да работиме. Но нашата шанса ќе ја искористиме кога тогаш, верувајте во тоа“.

Ќира за СПОРТМЕДИА открива и една тајна…

„Како фирма Трим Лум, како клуб Струга Трим Лум, имаме намера во најскоро време да почнеме со изградба на свој стадион. Во моментов се прават проекти, се комплетира документацијата, верувам дема многу брзо, напролет или на лето, ќе почнеме со изградба на свој стадион. Тоа е уште еден доказ дека Струга Трим Лум има намера да работи на долги патеки“.

НАГРАДАТА ОД ФФМ ЗА МЕНЕ Е САМО МОТИВ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНА РАБОТА

На последниот избор на најдобрите од страна на ФФМ, токму Арбтрим Ќира беше прогласен за фудбалски работник на година. Доби признание за посебен придонес во фудбалот во 2019 година.

„Тоа е голема чест, за мене, но и за сите во Струга Трим Лум. Таа награда е заедничка, на моето семејство, нашата фирма, на тренерот Беќири и играчите, потоа споменатите Бесарт и Мифтар, на сите. За мене тоа признание е само мотив за во иднина да продолжиме со уште поголемо темпо. Да дојдеме до уште поголеми резултати“ рече на крајот Арбтрим Ќира, првиот човек на Струга Трим Лум.