Станува збор за Мартин Трајановски, моден фотограф од Скопје, а како што вели со фотографија се занимава од првиот момент кога имал телефон со камера.
„Мојата кариера како моден фотограф официјално започна пред помалку од три години. Во тие три години имав среќа и привилегија да работам со најголемите имиња во нашата земја од областа на музиката, глумата и модната сцена, како што се: Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Туна, Антониа Гиговска, Лина Пејовска, Сара Мејс, Весна Петрушевска...“, вели Трајановски за Точка.
Младиот талент во 2021 и 2022 година беше поставен на функцијата официјален фотограф на Македонската делегација на Евровизија кога нè претставуваа Васил Гарванлиев и Андреа.
Од соработките со модните агенции Трајанов ја издвојува онаа со „Моделс Ин“.
Да го запознаеме Мартин Трајановски низ 5 негови објави на Инстаграм:
1. „Ако по нешто станав препознатлив во последнава година, според реакциите на публиката, (ако ја тргнеме фотографијата како професија на страна) тоа сигурно беа моите видеа. Многу е иронично што јас станав препознатлив по формат којшто, признавам, свесно се обидов да го тргнам од мојата работа пред сè, а потоа и општо од креирањето на контент. Многу чудна ситуација, многу чудна релација.
Но, како и да е, видеото како формат е моја многу, многу природна средина. Иако пробувам да го оттргнам од мојата работа, имам чувство дека се некако природно ми се враќа, на овој или оној начин. Судбина? Можеби. Не можете да замислите колкава количина на следбеници, пријатели и луѓе во живо кои ме застануваа за конкретно ова видео и признавам беше тотално изненадување за мене. Од друга страна, верувам дека тоа беше така баш поради тоа што „магијата“ во ваквите ситуации е токму во моментот кога влегувате во целата работа без никакви очекувања, баш напротив – го правите тоа што го правите затоа што едноставно така се чувствувате во моментот дека треба да го направите. И тоа е сè, не очекувате ништо „за возврат“, баш напротив! Многу убаво чувство, признавам“.
2. „Пред некоја недела, многу спонтано се собираме со Јелена и Марис. Отидовме до парк, пиеме кафе, си направивме еден добар, долг муабет за сè што сме „пропуштиле” во последно време во нашите животи и секако без никаква намера нешто повеќе од тоа да се случува. Не знам како да ви кажам дека освен што испивме кафе и направивме муабет, меѓу другото снимивме и цели три видеа (ова е едното од нив) коишто не беше возможно да се снимаат без да се смееме! Многу, многу да се смееме! Верувајте беше лудница. Оние кои нè следат, знаат точно за кои „behind the scenes” видеа ви зборувам!“.
3. „Не можам, а да не посветам барем една од овие 5 објави за изработката на „Cover Art”-от за новата песна на Тамара, „Нијагара“. Ќе ми верувате ли ако ви кажам дека оваа фотографија е изработена буквално во една секунда? Ни повеќе, ни помалку. Оваа конкретно фотографија, којашто, инаку, претставува официјалниот „Cover Art” за песната „Нијагара” е од оние фотографии коишто, верувале или не, се изработуваат во еден момент, во една секунда. И навистина беше така. Ова е ситуација каде што Тамара ја снима последната сцена од првиот ден од снимањето на спотот и ако малку ја забележите конкретно оваа сцена во официјалното видео, ќе забележите дека сетот на сцената се состои од ласери/светла коишто непрекинато трепкаат и одлично се вклопуваат во целиот сет за снимање на спотот, но не и за фотографирање на истиот.
Тој тип на осветлување во видеото ми „овозможи” на мојата камера да успеам да го уловам секој темен момент (кога светлата се исклучени во дел од секунда) и секој светол момент (додека се вклучени). Притоа, да не заборавиме дека Тамара воопшто не позира кон мојата камера, поради тоа што очекувано е фокусирана на снимањето на таа конкретна сцена. Многу ги сакам ваквите „предизвици”, многу, многу! Затоа што секогаш ме тераат да размислувам и да се трудам повеќе и да наоѓам начин како да го „извадам” финалниот продукт, а притоа сите да сме задоволни и горди на истиот. Ја обожувам оваа фотографија и енергијата на Тамара што е потполно пренесена“.
4. „Една можеби од најубавите плажи што ги имам видено во животот. Се работи за плажата „Megas Choros“ на островот Крф. Никогаш нема да заборавам за моментот кога пристигнуваме на плажата којашто е притоа огромна и многу долга и со многу специфична вегетација на краевите на плажата, паралелно од морето. Имено, пристигнуваме на една толку голема плажа, во дел од годината кога туристите се целосно присутни како на островот, така и општо во државата, а нас не дочекува плажа, вода, најситниот песок во светот и ништо повеќе, ниту еден човек, ниту еден турист, ни случаен минувач. Никој, никој! Не сум сигурен дали можам вака со зборови да ви го објаснам чувството целиот тој ден. Многу чудно, но преубаво чувство!“
5. „Искрено? Можеби едно од најдрагите видеа досега. Зошто? Немам поим!
Знаете она кога луѓето ќе речат: „Коцките се поклопија?“ Е ова мислам дека беше тоа!
Енергијата на сет (можеби најважното нешто, некогаш), визијата за реализацијата на оваа сесија, ОРГАНИЗАЦИЈАТА за оваа сесија, песната којашто оди во позадина, заемната комуникацијата помеѓу мене, моделите и целиот тим (со цел реализирање на нашата идеја до перфекција), начинот на коишто е документирано сè во видеото, сè, сè, сè!“
Автор: М. Нестороска

