Претставниците на Монпеље на пресот по мечот со Вардар, помошникот тренер Давид Дегој и ракометарот Диего Симонет, имаа само пофални зборови за европскиот првак, над кој премиерно се радуваа во Скопје.
„Прво ви се извинувам во името на тренерот Патрис Канаје, кој е болен и затоа не се појави на прес. Имаме голема почит кон Вардар и кон неговите фанови, и сме среќни за оваа победа во Скопје. На Вардар му посакувам да остане во ЛШ затоа што е силен клуб со голема историја и со силен и квалитетен тим, кој го почитуваме. Одигравме цврст и тежок натпревар“, заклучи асистентот на Канаје, Давид Дегој.
Исто мислење дели и Аргентинецот.
„Тежок меч иако знаеме дека Вардар се соочува со проблеми. Посебна чест е да се игра против еден таков ривал, клуб со голема традиција и противник достоен за почит. Монпеље влезе добро во мечот и така играше до крајот, иако сите пофалби одат на сметка и на одличната игра на голманот Кизиќ, како и за целиот тим на Вардар“, потенцираше Симонет.