Според членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, „Виножито“, Павле Воскопулос Филипов, безбедноста на секој Македонец од Македонија е во опасност кога ќе се најде на место каде што живеат или делуваат Грци недемократи, особено членови или пријатели на „Златна Зора“.
Тој вели има секако Грци демократи што го осудуваат инцидентот на изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреевски во Солун и реагираат соодветно, но и недемократи кои ќутат за тоа што се случи.
Воскопулос информира дека веста не е „прва тема“ во грчкиот политички етер, бидејки почна предизборниот период во Грција.
-Реагираше и владиниот портпарол на привремената грчка влада и го осуди овај акт против македонскиот уметник, истакнува членот на „Виножито“, за Локално.
-Секако не е лесно македонски државјанин да знае кој е вистински демократ или националист Грк и член на Златна Зора, вели Воскопулос и додава дека грчките институции делумно го имаат променето својот став во однос на Македонија.
-На пример, во Атина и меѓу владините државни органи, се говори за Северна Македонија. Во локалната самоуправа, особено во делот на Северна Грција, се уште ќе слушнеш и ќе прочиташ за „Скопје” и „Скопјани“. Слично е и кај поголемите медиуми. Некои имаат прифатено да ја викат државата Северна Македонија, а некој не, информира Воскопулос.
Потенцира дека слично е и околу македонските граѓани.