Веста дека прекинатата сезона во ПМФЛ, најверојатно сепак ќе се доигра, стратегот на “романтичарите“ Ратко Достаниќ ја дочека во својот Белград. Тој сега чека само знак од раководството на Работнички за да дојде во Скопје, и ги отпочне подготовките за тоа што треба неговиот тим да го одигра во елитната лига на Македонија.

Постојано сум во контакт со првите луѓе на клубот, веројатно на почетотокот на следната недела ќе бидам во Скопје. Секако дека сум радосен што најверојатно ќе ја доиграме сезоната. Тоа е прекрасна вест, барем за мене, но и за сите фудбалски луѓе во Македонија. Имено јас лично посакувам, ако веќе играме, пласманот на табелата, оној конечниот и за тоа кој ќе биде шампион и кој ќе игра во Европа, да се одлучи на еден чесен начин, а тоа е на зелениот терен. Јас сум фудбалски човек и така ги гледам работите. Како што ми е пренесено, сметам дека оваа солуција која е изнајдена за доигрување на сезоната е најдобрата“ вели шефот на “романтичарите“ специјално за СПОРТМЕДИА.

РАБОТНИЧКИ ЌЕ СЕ БОРИ ЗА ЕВРОПА, ИЛИ….!?

Со оглед на местата на табелата, со оглед на бодовите, сега и Работнички, барем на хартија има шанси да се бори за Европа.

Видете, тоа е во втор план. Многу поважно е да клубовите, фудбалерите, сите кои што сме на овој или оној начин во мак- фудбалот, сфатиме дека ова е добро што ќе се игра фудбал. Јас гледам овде во Србија, иако ситуацијата се уште е тешка со пандемијата, дека атмосферата како да се подобрува. Сега се разговара и за фудбалот, за трансфери, за играчи.

Јасно е дека со Ковид-19 ние уште долго ќе се “дружиме“ и затоа мора да се обидеме да живееме што понормално, ако се може. А фудбалот е многу важен фактор кај народот, тука нема збор. Ние како Работнички прво ќе се обидеме добро да се подготвиме, а потоа и да одиграме најдобро што можеме. Сега за Европа, па, рано е да отвара оваа тема на разговор. Прво да видиме што и како со тимот, со играчите.

Да, ние игравме добро до 11 март, но од тогаш наваму минаа повеќе од 2.5 месеци. Формата не е иста, сега влегуваме како во магла, и не само ние. Реков најважно е што ќе започне да се игра фудбалот, се разбира со сите мерки на предострожност, со почитување на протоколите, според препораките на надлежните, зошто нели, сепак здравјето на играчите, на сите нас е во преден план“ вели српскиот стратег.

ДА ГО ВРАТИМЕ КЛУБОТ ОНАМУ КАДЕ ШТО ЗАСЛУЖУВА ДА БИДЕ

Дека Работнички и Достаниќ имаат намера да соработуваат уште долго време, говорат и овие зборови на српскиот стратег.

Како прво Работнички е име во Македонија, на Балканот. Има богата историја исполнета со шампионски пехари и освоени куп титули, успеси во Европа. И затоа мода да го вратиме таму каде што беше некогаш, при врвот на мак – фудбалот. За тоа да се оствари ќе треба многу работа, гледам дека има добри услови, дека нема пречка да се дојде до целта. Секако дека ова се зависи од тоа како ќе се одвиваат работите во светот со Ковид-19, но ние во Работнички мораме да бидеме, и сме, амбициозни, а од работа не се плашиме, тука нема дилеми“ заклучи Ратко Достаниќ, шефот на стручниот штаб на Работнички.