МВР со важни информации за странските државјани кои престојуваат во Македонија

18.05.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МВР со важни информации за странските државјани кои престојуваат во Македонија

Министерството за внатрешни работи известува дека е донесена нова Уредба со законска сила за примена на Законот за странци за време на вонредна состојба, како и за периодот по престанокот на вонредната состојба.

Наведениот пропис претставува дополнување на Уредбата со законска сила донесена на 20.03.2020 година и со истата се продолжува период на престој на странци на кои за време на вонредната состојба, им истекол краткорочен престој или виза за краткорочен престој.

Периодот на престој се продолжува, како за времетраење на вонредната состојба, така и по завршување на вонредната состојба, до 31 август 2020 година. Исто така, се продолжува рокот на важноста на дозволите за привремен престој и на дозволите за постојан престој, чиј рок на важност истекол или истакува за време на вонредна состојба. И во овој случај, важноста на дозволите за престој се продолжува и по завршување на вонредната состојба, до 31 август 2020 година.

-Имајќи предвид дека во наредните месеци очекуваме постепено нормализирање на состојбите, отварање на граничните премини и враќање во функција на сите видови патнички сообраќај, им укажуваме на странците да го следат развојот на ситуацијата и доколку се создадат условите за патување во овој период, да пристапат кон постапки за регулирање престој, согласно одредбите од Законот за странци. Службата за странци на централно ниво на МВР, како и подрачните единици за странци, ви стојат на располагање за сите прашања во врска со регулирање на вашиот статус во државата, информираат од МВР.

          Контакт податоци:

Единица за странци и реадмисија (Оддел за гранични работи и миграции): e-mail: [email protected], телефон: +389 2 314 4478

Отсек за странци и реадмисија за град Скопје (РЦ за ГР Север):

e-mail:[email protected], телефон: +389 72 911 728

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата