Мај не фати а Македонија не купи ниту еден респиратор, ни кревет за болните. Анѓушев и Брако во гужвава ни утрапија контејнери крстени како соби за заразени. Гола сиротиња и беда сме. Каде отидоа 12 милијарди државни евра потрошени за три години од Фамилијата Заеви?! Касата е празна, пајажина ја јаде.

И не им доаѓа ум. Ги фатија со Рекет преку Боки 13 и неговата невладина. Малку постојаа, ама карактерот е тој. Еве ги сега од црни пари делат пакети за сиротињана и Ромите да гласаат за нив на избори. Коста Манулаќ во први редови..

 То е СДСМ, и отсекогаш тоа бил. Од прв ден. Профитери, селски мангупи и кафански бадијалџии. Политичари таму, со чесни исклучоци, немало. И, ако ги имало, заминати се. Каде се сега Зоран Јовановски, Игор Шема, Гордан Георгиев, Софија Куновска, Наташа Савова, Ана Пановска, Ванчо Узунов... протерани се. Не се ни профитери ни селски мангупи, не се уклапаат у друштвото.

Што имаат тие заедничко со профитерите Шилегов, Заеви, Филипче, Рашковски, Анѓушев, Шекеринска... Со селските мангупи како Коста Манулаќ, Кирацовски, Сугаревски, Стојанче Цреп, Љубе Бошкоски... Со сегашнава партија во која пропаганда води лик со вечерно школо, и потпретседател на СДСМ е момак што прави раперски спотови. Ништо заедничко немаат, освен што им оставиле бавча за берење туѓи плодови. Изедоа се, сосе државата.

Кога гласаш за СДСМ, ти се откажуваш од тоа дека си Македонец, дека збориш македонски јазик, дека имаш право на јавна контрола врз буџетот, дека парите од даноци се за тебе, а не за Фамилијата. Дека имаш закон и судови.

Кој мисли дека не е така нека се сети како Заев се колнеше дека нема да се смени уставното име ако тој земе власт. Зема власт, и го смени името Македонија. Колку е крив тој, толку се и сите што гласале за него, особено оние што имаат намера пак да гласаат. Со гласањето на следните избори му давате за право да се откаже во ваше име и од македонскиот јазик. Сега тоа е нов клуч за влез во Европа. На секои избори Заев и Шекеринска имаат нови услови, и нови клучеви.

Еве сега, на време кажувам. Гласај за него, и заборави дека постои македонски јазик. Не го слушнавме ниту еднаш, ни како премиер ни како шеф на партија, да им одговори на Бугарите – не другари, не прифаќам преговори да давам нешто што не е мое, да потпишам откажување од национален јазик за да добијам нов мандат.

А Заев, со нов мандат, ќе го потпише тоа. Сега сите знаеме дека ќе биде така, веќе имаме искуство со него. За оние кои имале дилема на времето, сега барем знаат дека Шарената револуција била прво бугарско востание во Македонија.

Не се криви ни Грците, ни Бугарите. Ако начекаш село без кучиња и премиер што за власт и кеш би дал се, зошто да не се искористи ситуацијата. Тешко друг пат и со друг човек ќе им се пружи ваква прилика. ДУИ сами да беа власт немаше толку национална загуба да имаме. Ќе имаа усул, и ќе им беше срам пред Европа.

Го гледав интервјуто на Бојко Борисов, и да ти кажам, ме бендиса Бојко. На место си е човекот, поштено се бори за бугарски интереси. Он со нас, со нашата власт, мајтап си игра. Како со малоумни раскажува вицови на наша сметка. Си бара човекот, ги помножил ликсурите од власта со нула, нема што да тера дипломатија и финоќа кога знае со кого си има работа и го знае крајот на процесот.

А крајот со Заев како преговарач за жал, го знаеме и ние. Ги пушти неговите гавази да спремат терен дека Македонци и македонски јазик не ни постоеле, сето тоа било и е бугарско. Тргна Денко Малески да отвара полемика, да го дели народот кој треба да фаќа страна: ако си за СДСМ и Заев, прифати бугаризација инаку ќе се врати ВМРО на власт. И во небрано се некои. Не знаат која страна да фатат. Дали да бидат против себа, а за Заев, или за него кон самоуништување. Најголем дел од заевистите нема ни да излезат на избори, да им биде  мирна душата.

Максо Димитриевски од Куманово избра. Му требаше пет години да види со кого има работа, и реши да стане против Заев и булументата. За прв пат на свој грб осети каква е неговата власт, и дигна раце од нив. Веројатно сега и на него му е јасна мантрата на Шекеринска и Заев дека – со Македонци преговори нема! Македонец, според друже Зоки и Радмила, треба да се гази и апси. Да ќути и трпи.

Затоа им требаат брзи избори без кампања. Да не се сети Македонецот каде го довела оваа влада додека е се уште под страв од вирусот. Додека на владата им требаше апсолутна власт преку вонредна состојба, здравјето и заразата беа најважна работа. Сега се други потребите, собран е многу кеш за купување гласови и короната одеднаш не била така страшна. До вчера пикот беше почеток на мај, сега викаат излегуваме од заразата. Најважни се брзи избори без гласачи, без кампања, без средби со граѓани. Избори на плејстејшн додека џојстикот е кај нив.

Државна изборна комисија се противи, за подготовка на избори треба по закон 60 дена, треба чисти избирачки списоци... Но, кога СДСМ поштувале закон.

Па, ако короната не е проблем, зошто од утре не се отворат кафани, дискотеки, фабрики во полн капацитет. Да се игра фудбал и кошарка со публика, деца да одат во школи и градинки. Да се вратиме на нормалниот, слободен живот меѓу луѓе и на работа. Додека Заев не излезе со налог за брзи избори, имавме 30-40 болни од корона секој ден. Како СДСМ запна за брзи избори без гласачи, така Филипче одеднаш најавува дека короната е при крај, нови болни речиси и да нема. И после Бојко играл мајтап со нас, како со малоумни. Паметен е Бојко, видел преку Заев и Шекеринска кои сме, кои се наши репрезенти и владетели.

Ако не можеме ни свадби да направиме како можеме да имаме изборна кампања која по закон следува. Како милион ипол луѓе безбедно, во еден ден, на избори да изнесеме? Фали уште Заев да побара, солидарно и хумано, пликото со кешот на младоженците од свадбите да се даде во буџетот. Солидарно.

Според Филипче, ВМРО да држи митинг со два метра растојание меѓу луѓето: Даскалот на говорница пред влада, а последниот на наплатна рампа кај Гевгелија. Или, не ни треба да има митинзи и кампања. Онака, на една страна Заев со кешот од Рекет, од куќа до куќа со Коста Манулаќ на чело, а опозиција нека клика на Фејсбук. Се што е над 65 години, според мерките на Филиче, ќе седи дома. Не мора да излегуваат, има кој ќе заокружи на гласачкото ливче за нив.

Него, видовте ли во Струмица. Додека ние се занимаваме со коронава се случија три пожари за месец дена во струмичката касарна. Три. И, сега нема веќе касарна. Сега Фамилијата може на тој голем плац да гради на раат.

Не бе, не им доаѓа памет. Таков им е карактерот. Или, ние сме кабает и без памет?

Д.П. Латас (04.05.2020)

Најчитани вести