Роднините се чудат и бараат објаснување-ЧЕТИРИ НЕГАТИВНИ ТЕСТА, А ПАК СЕ ВОДИ КАКО ПОЗИТИВЕН!

30.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Роднините се чудат и бараат објаснување-ЧЕТИРИ НЕГАТИВНИ ТЕСТА, А ПАК СЕ ВОДИ КАКО ПОЗИТИВЕН!

Иако 4 пати добил негативен резултат на Ковид-19, тинејџер од Кичево според статистиките на Министерството за здравство се води како позитивен на новиот вирус.

Тој бил хоспитализиран во болницата во Охрид бидејќи имал здравствени проблеми и му биле направени два теста кои биле негативни. Потоа бил преместен на ГОБ “8 Септември“ во Скопје каде му биле направени уште два теста кои исто така биле негативни.

Неговиот чичко, Спасе Дамјановски вели дека кога се вратил од болницата во Охрид со упат требало да го продолжи лекувањето во болницата во Кичево, меѓутоа таму не го примиле туку му дале само инфузија во еден од импровизираните шатори за Ковид-19.

Ова според нив, дополнително му ја влошило состојбата. На крајот е пренесен на Клинички центар во Скопје.

Од МЗ велат дека во врска со тестирањето се води посебна постапка од ДСЗИ.

„Заради разликите во ставот на семејството кое тврди дека нивниот син нема позитивен тест и евиденцијата на ИЈЗ во која за овој пациент има еден позитивен тест, во тек е надзор на ДСЗИ“, велат од Министерството за здравство.

За тестовите за Ковид-19, инфектологот Вело Марковски вели дека се точни, но не се соодветни за да покажат дали некој пациент е болен токму од тој вирус.

Освен 19 годишното момче, во Кичево, до сега е регистриран само уште еден позитивен случај. Станува збор за лице кое се вратило од Франција и е ставено во државен карантин во еден од хотелите во Скопје.

Извор: ТВ21

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата