Половина делегати на АСНОМ биле на робија на Голи оток, денес ги избришаа од Уставот

23.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Половина делегати на АСНОМ биле на робија на Голи оток, денес ги избришаа од Уставот

По распадот на Југославија долго време се раправаше за бројот на луѓето кои од 1949 до 1956 година лежеа во затворот на Голи оток, познат логор за политички затвореници во периодот на судирот на КПЈ со КП СССР. Логорот почнал да функционира по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото во 1948 година. Првите казнети лица биле примени на 6 VII 1949 г., а во овој логор издржувале казна голем број политички затвореници од Македонија.

По судирот на КПЈ со КП СССР и донесувањето на Резолуцијата на Информбирото во 1948 година, хрватски остров во Јадранско море Голи оток, лоциран источно од полуостровот Истра, во Велебитскиот канал, помеѓу островите Раб, Св. Гргур и Првиќ, од 6 јули 1949 година функционира како логор на политички затвореници, титови противници, подржувачи на сталинизмот, националисти, членови на демократски движења и партии од годините веднаш по комунистичката револуција. На Голи оток беа затварани мажи, а на Свети Гргур жени.

Меѓу логорашите имало висок процент на дотогашни министри, предвоени комунисти и видни луѓе. Последниот политички затвореник бил отпуштен во 1956 година, кога островот преоѓа во надлежност на Република Хрватска. Се до 1988 година, кога затворот престанал да функционира, на островот казни издржуваат криминалци и тешки млади деликвенти.

Денес напуштените згради на островот се неми сведоци на едно тешко минато, кога во овој логор издржувале казна и голем број политички затвореници од Македонија. Затворени биле учесници во НОБ, првоборци, членови на КПЈ пред војната, истакнати воени раководители. Во поглед на апсењата, Македонија процентуално се наоѓала на четвртото место во Југославија.

Сеуште „не е утврдено колку Македонци настрадале во времето на ИБ. Според еден извор (од 1958), во НРМ биле регистрирани 1.651 информбировци, според друг (од 1993) - на Голи Оток престојувале 820 Македонци, а според трет (од 1990), вкупно казнети и осудени лица за ИБ биле 888 Македонци, или 0,09% од вкупниот број на населението во Македонија.

Најголемиот број од уапсените биле од Велес, Прилеп, Битола и нивните околии. На Голи Оток биле затворени и репресирани и пратеници – членови на Првото, Второто и Третото заседание на АСНОМ (Панко Брашнаров, Венко Марковски, Петре Пирузе, Кирил Петрушев, Ќемал Аголи, Благоја Хаџи Панзов, Генади Лешко, Мино Богданов, Васил Калајџиски, Никола Вражалски, Мире Анастасов, Неџат Аголи, Илија Митревски, Трајко Цветанов, Илија Божиновски, Милан Стефанов и Ѓорѓи Василев...“  (Енциклопедија Македоника, МАНУ, Скопје, 2009)

Во декември 2013 година хрватскиот портал „Новипламен“ ги објави списокот на сите затвореници интернирани по линија на ИБ која го направила тогашната сојузна УДБА. На  листите со имињата на 16.101 затвореници и затворенички кои биле затворени на Голи оток и Св, Гргур. Според списокот, во сите логори за инфорбировци, на разни начини (убиство, самоубиство, природна смрт), животот го загубиле 413 лица, меѓу кои и Македонци.

Вкупната бројка од 16.000 луѓе, како што тогаш пишуваше хрватскиот портал, во научната литература била спомната многу одамна, но се сметало дека се работи за режимска одбрана на суровата кампања проти уапсените припадници на просоветската опозиција.

Македонските историчари сметаат дека по судирот меѓу Комунистичката партија на Југославија и Комунистичкото информационо биро (Инфорбиро) од идеолошки причини над 1.000 Македонци завршиле на робија во озогласениот логор Голи оток. Меѓу нив, се нашле речиси и целиот Президиум на АСНОМ, истакнати македонски дејци како Пенко Брашнаров, Петре Пирузе Мајски, Владимир Полежиновски, Лазар Соколов, поетот Венко Марковски, како и првиот македонски премиер Никола Кљусев.

Во идеолошката пресметка со неистомислениците, македонските дејци заслужни за Македонија, поради изразено мислење биле етикетирани како антидржавен елемент и без кривична одговорност биле испраќани на превоспитување од една до повеќе години на Голи Оток. По одлежаната казна, некои како непоправливи биле повторно враќани на островот.      

Списокот со затвореници кои поминале низ Голи Оток денес се наоѓа во Државниот архив на Хрватска. Сепак, до ден денешен постои сомнеж дека УДБА го предала целиот список на затвореници, како и енигма за вистинскиот број на политички затвореници од Македонија кои биле затворени на Голи оток.

Објавувањето на листата на затвореници на Голи оток кон крајот на 2013 г. предизвика голем интерес во Македонија. Текстот и факсимилите од изворната документација на УДБА со сите 16.101 затвореници кои ги објави хрватскиот портал Новипламен сеуште можат да се видат или симнат на следните линкови:

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата