Понеделнички

Кој сега не полуди, тој не е нормален

12.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кој сега не полуди, тој не е нормален

Така е како што пишува во насловот. Сега, сред епидемија, повеќе од било кога порано во овие три години, сфаќаме кој владее со нас. Иако не победиле на избори. Па, воочи Велигден, спас чекаме од Господ а не од владата што ја плаќаме.

Не убедуваат дека нема пари, и треба сите да плаќаме затоа што касата на владата е празна. Арно ама, има за некој ако е важен за избори и за потребите на владата и прогон на опозицијата. Така, иако платите се кратат, отидоа 120.000 евра за оџите и поповите откако реисот Сулејмани се закани: или дајте пари, или ги викам сите во џамија да се испозаразат меѓу себе, а вие после мислете му ја.

И, му ги изброија парите. Да не биде сам во лошите, им дадоа и на поповите а они, кротки и скромни, си примија 70.000 евра ќутејќи. Сложни калуѓери и во петок мрсат. Божји пари се тоа, нели. Не ме чуди ако ГГ Стефан за Велигден објави чудо, дека ликот на Зоран Заев се појавил на компир пронајден во Берово.

Нема лабаво кај реисот Сулејмани, не се сликаше он џабе со калаш, а сега се заканува со биолошка војна. Оџите кога ќе писнат од минарињата пилотите од Арачиново се редат на гласачко место со однапред заокружени ливчиња. И, поради тоа треба со алал да се дадат парите на оџите, за избори е тоа, нека го разберат како индиректна донација за партијата. За СДСМ и ДУИ. Како и довоградбата, минарето во Охрид, споменик во чест на Заев Императорот.

Они, СДСМ и ДУИ, со гласови од оџите направија нова држава, Северџамија.

Затоа, треба многу разбирање и трпение во ситуацијава. Треба да прифатиш дека си стварно глуп и одлепен кога мирно и достоинствено се согласуваш да добиваш минималец од 14.500, и тоа на заем, за да има за СЈО и оџите, а после Нина Министерката се преброи, па и тие ги скрати на 9.000 денари по вработен.

Откако исплатија над милион евра за СЈО кое не постои, сега на минималец ќе одат судиите и обвинителите. Тоа им е благодарност за сите услуги што ги правеа за Заев и нивните колеги од обвинителската аристократија на Катица Јанева. Они добија по 100.000 евра од обвинител, во просек, а вие од судовите и ЈО бројте ги жртвите што ги гоните за да им ги оправдате парите што ги земале. Минималец за судиите и обвинителите е заштеда во буџетот таман колку што треба за СЈО.

Како да мислиш дека си нормален и разумен а прифаќаш сред епидемија, кога сите држави вадат од касата, подигаат кредити и делат пати на работници и фирми за да се спаси економијата нашава власт дига даноци за горива?! и дополнително зема од нашите џебови иако Светска банка побара од Македонија да ги намали даноците! Од твој џеб вака земаат 45 милиони евра, не од некој непознат. Заев вика не смеело државата да позајми пари од втор пензиски фонд, приватни биле, иако Фондот дава позајмици на банки и купува обвзници... Па и парите од работниците што им се кратат плати за да остане во буџетот се приватни пари.

Затоа, кој не полуди сега тој не е нормален. А допрва следи немањето, еве се штампаат нови пари, божем заради Северна, ама и со и без Северна на нив тоа се нови штампани пари без покритие и со инфлација. Министерката Нина секако ќе излезе со ново објаснување кое никој не го разбира. Затоа и ја донесоа таму таква каква што е, затоа што ништо не разбира а се извршува. И добро е платена за тоа.

Венко Филипче добро разбира и уште подобро наплаќа. Он е копија на Љубе Бошкоски од војната во 2001 година, на сила праен херој. Човекот лани тргна во приватизација на болници, децидно рече дека државното инвестирање не е исплатливо, треба болниците да се дадат на приватници. Замисли да го довршеше процесот! Му пропадна и тендерот за приватизација на лабораториите и реагенсите, оној од 350 милиони евра за Жути од економскиот совет на Вице Заев, детето што продава фрижидери. Тоа е друштвото што владее со Македонија.

Откако Венко Филипче реши да се откаже од портпаролската улога и да прозбори нешто повеќе од број на заболени и починати, ние наебуваме секој ден. Најнова зелена што ја тресна е дека 98% од приклучените на респиратори немаат шанса да преживеат!  Тоа е најстручна и најоптимистичка изјава на еден министер за здравство во Европа во време на епидемијава. Дека сите тешко заболени ќе умрат.

Па зошто тогаш воопшто цел свет се тепа да набави респиратори ако само двајца од сто преживуваат. Сега, кога цел месец не лажат за 50-те респиратори кои само што не сме ги добиле Заев објави дека владата ќе набави дури 200 респиратори. Затоа, друже Венко, заќути жити се. Не е време за глупости. Како тргнал не само што го стаса Љубе Бошкоски по глупости, него и ќе го надмаши. Во воената 2001 кога Љубе беше херој на денот имамве 80 загинати бранители, кај Филипче како тргнало бројот на жртви ќе биде и поголем, а крајот ќе му биде како на Љубе.

Само кај Венко Филипче пациенти прво умираат, а после им дијагностицираат корона вирус. Само кај нас, и кај Филипче, умираат жена и нејзиниот син од Велес на 6 јануари, а ги наоѓаат умерни дома на 6 април и тоа – жената умрела од корона вирус! На 6 јануари, кога никој од Европа нема корона вирус.

Можете слободно да си умрете, резултатите ќе ви ги пратиме по Св. Ѓорѓија.

Кога дојде време Марјан Забрчанец, со бомбастична функција национален координатор за стратегиски комуникации на Заев по телевизии да објаснува за епидемија и економија, Филипче и Нина министерката може да си одат дома. Он знае се. Знае дека не требало да се тестира: “ако влеземе во циклус на секојдневно тестирање кога нам ќе ни текне тогаш здравствениот систем ќе падне“. Затоа, Филипче тестира умерено - штом дојде до 30 заразени, нема веќе тестирање. Тоа што се фалат со многу тестирања не е прецизно, на еден болен човек се вршат по три-четири тестирања, и не е тоа број на тестирани лица туку – само на тестови.

Колку помалку заразени, толку повеќе шанси владата да се пофали дека била успешна. А правилото е друго: бројот на заразени е слика на генот и дисциплината во општетсвото, а бројот на починати – е резултат на способност на здравствениот систем. По број на починати ние сме лидери во регионов.

Но, Забрчанец е човек со едвај завршено средно училиште, без струка и професија, кафански бадијалџија во фотеља како Коста Петров и Самка Ибраимовски па толку му сече паметот. Епидемиологот Драган Данаиловски вели дека кај нас, по стручна формула, има во моментов околу 13.000 заразени со корона вирус.

Важно Филипче на прес соопшти дека на друже Зоки Заев одма му направиле тест и тестот е негативен. Немал вирус. А како кашлаше во емисија кога гостуваше на Канал 5 не сум сигурен дека не го имал тогаш, и го заразил новинарот Гоце од Прилеп. Лидерите на двете македонски партии се во карантин и, според Бадентер, за правична застапеност во карантин треба да биде и Ахмети, или барем Села.

Коронава или ќе ни го дотера умот, или ќе се прогласиме за прва држава – санаториум. До толку збудале народов што охриѓани бараат да се забрани влез во Охрид за скопјани, а во Куманово напишале: влез во пекара само по двајца. Еве, еден уште стои и чека да дојде вториот за да влезат заедно.

И ај после кажи дека сме нормални? Ние, како држава која блеска не извезуваме сировини, туку само готови производи: доктори, мајстори, информатичари...  Сировините остануваат кај нас дома, и денес се на власт.

Д.П. Латас (13.04.2020)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата