Пожарникарите се борат со огнот околу нуклеарната централа во Чернобил

8.04.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пожарникарите се борат со огнот околу нуклеарната централа во Чернобил

Пожарникарите го локализираа пожарот во зоната на исклученост околу нуклеарната централа во Чернобил, но пожарот сè уште тлее, соопшти државната Служба за итни случаи на Украина, пренесува ТАСС.

„Од 07 часот на 8 април, нема отворен пламен на територијата на шумата Котовски во зоната на исклученост и новата населба помеѓу селата Полеској, Тараси и Владимировка, но тлеечки пожари сè уште се забележуваат во некои области“, велат од службата.

Повеќе од 250 луѓе и речиси  70 единици опрема беа ангажирани на гаснење на пожарот. Во текот на изминатите 24 часа, противпожарната авијација изврши 81 мисија за исфрлање вода.

Состојбата со радијацијата во Киев и Киевскиот регион е стабилна. Стапката на изложеност на јонизација на површината на земјата и волуменот на радионуклиди во водата не ги надминуваат дозволените стандарди.

Пожарот во зоната на исклученост избувна на 4 април. Првично опфати околу 25 хектари, а потоа беше речиси преполовен. Сепак, подоцна пожарот се рашири на површина од 35 хектари поради временските услови.

Полицијата во регионот на Киев соопшти дека уапсила личност од областа Полески. Според истражителите, пожарот се случил затоа што мажот горел ѓубре и го оставил огнот без надзор.

Катастрофата кај четвртиот реактор на нуклеарната централа Чернобил се случи во раните утрински  часови на 26 април 1986 година, загадувајќи територија на повеќе од 200.000 квадратни километри, пред сè во Украина, Белорусија и во Русија.

Околу 115.000 луѓе беа евакуирани од зоната од 30 километри најпогодена од радијацијата. Во последователната операција за расчистување учествуваа повеќе од 600.000 луѓе, од кои околу десет отсто починаа, а 165.000 завршија со инвалидитет.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата