Пандемијата од коронавирусот не се смирува, а доколку го земеме во предвид обемот на кризата која ја зафати цела Европа, се прашуваме дали оваа година ќе може да летуваме во Грција – омилената дестинација на македонските и српските туристи?

Иако е тешко да се дадат прецизни предвидувања за тоа колку ќе трае пандемијата на коронавирусот, грчките лекари се огласија и дадоа надеж дека овој летен одмор може да го поминеме на убавите грчки плажи.

– Тешко ќе се предвиди иднината, но Грција работи многу добро. Ако значително опадне бројот на заразените и починатите, ќе разговараме за ублажување на мерките – рече генетичарот Емануил Дермицакис, претседател на Националниот совет на Грција за истражување на технологии и иновации за државната новинска агенција АПЕ-МПЕ.

Верувам дека од мај мерките ќе почнат да попуштаат, но постепено, според стратегија, со приоритети. Верувам дека луѓето во јули ќе можат комотно да одат на плажа, а можеби и да патуваат на островите. Но се е тоа само ако развојот биде каков што е сега, додава Емануил.

И додека познатиот генетичар е многу оптимист, Јоргос Сурвинос, професор по клиничка вирусологија на Универзитетот на Крит, тврди дека сепак е потребно да се почека април за да се „разговара за измена на мерките за ограничување и нивно постепено попуштање“.

Според податоците на Министерството за здравство во Грција до денеска се забележани 1.755 случаи на заболени, како и 79 починати.

Земјата активно презема заштитни мерки, па во таа смисла уште претходно се затворени училиштата и факултетите, а подоцна и парковите. Продавниците се нормално снабдени, а граѓаните имаат право да излегуваат, но во контролирани услови.

Грција најави и воведување на значајни мерки за помош на населението, за кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот колку – толку да се санира.

Најчитани вести