Понеделнички

Банкрот држава

29.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Банкрот држава

Епидемијата е во фокусот на внимание. Секаде. Работите околу вирусот, советите, теориите на завери... ќе ги оставиме на оние на кои тоа им е струка и работа, а овде тема ќе биде политиката и економијата во ова време на епидемија.

Корона вирусот го смени светот. Ваков хаос не може да се создаде без план, ниту пак да помине без некој моќен да извлече ќар од оваа ситуација. Секогаш, во политиката и економијата, кога еден губи друг добива, таа енергија и сила не исчезнува туку само се сели од едни во други раце. Уште сега е сигурно дека главен губитник ќе биде Европската унија, а сигурни добитници Кина и Русија. Процесот не е завршен, и се уште не е подвлечена црта за сите други.

Ај да почнеме од големата слика, па да завршиме кај нас.

Кинезите ја прележаа епидемијата. Држава со 1,3 милијарди луѓе, со силна и строга организација и контрола, економски и медициски моќна, помина со најмал можен број заразени и жртви. Кина има само 4 лица починати и 58 заболени од корона вирус на милион жители. За споредба, Италија 180 починати и 1.620 заболен на милион. Шпанија, која е во залет со епидемијата стои уште полошо, засега, 142 починати и 1.680 заболени на милион жители во оваа епидемија. Но, нема сомневање дека најголемо жариште во светот ќе бидат САД. Уште сега, во зачеток, САД имаат 8 починати и 410 заразени од вирусот на милион жители.

Македонија, со 130 заболени на милион жители е лидер во регионот. Деновиве ги натераа пензионерите, напикани еден врз друг, да одат во банки по пензиите. Резултатите од оваа авантура ќе ги видиме за едно недела дена, со нови заболени и жртви. Откако ја оплескаа работата со прием на иселеници без контрола, ова ќе биде втор и голем бран на ширење зараза, и тоа кај најризичната група.

Во време кога целиот економски моќен свет низ Европа, САД и Јапонија се дави во епидемијата Кина почнува да се враќа на работа и да живее нормален живот. Само тие произведуваат се што им треба и му продаваат на светот чија економија е во хибернација. Тоа им носи економска и финансиска доминација наредниве месеци и политичка зависност на другите од нивната помош и искуства против вирусот.

За САД, политички и економски лидери во светот, тоа е недозволива состојба. Во Вашингтон се борат со сопствени проблеми, на самиот почеток се на епидемијата, стопанството им влегува во криза а Трамп, државнички излезе со прва помош за фирмите и вработените од 2.000 милијарди долари за да нема откази и фирмите да не ги загубат вработените и пазарите. За два месеци најмногу, и во Америка епидемијата ќе запре иако никој, засега, не знае со кои крајни последици. А во САД ова е изборна година, да се биде или не за власта на Трамп. Време во кое политиката презема некои работи кои во другите години не би ги правела.

Дали Трамп мирно ќе гледа како стабилната Кина во полна кондиција го шири своето влијание и пазарите за време, и по епидемијата. Секоко не. Одговорот на САД за заштита на своите интереси ќе биде силен и брутален, веќе од април и мај, а особено потоа. Во тој налет Европа може само да гледа и да ги брои жртвите.

Америка е држава која на највиско ниво ги држи интересите и личната слобода на граѓанинот, поединецот. Работата, слободите и движењето на Американците сега, за прв пат во нивната историја, се радикално ограничени. САД немале војна и вакви кризи на својата територија уште од времето на нивната граѓанска војна од 1861-1865 година. Сега ја имаат, и тешко се снаоѓаат но, нема да помине многу време американскиот либерален и граѓански дух ќе се спротистави на карантините, полициските часови, затворените кафани, канцеларии и продавници. Тоа не е нивни карактер, нивни стил на живот. Тоа е против нивните лични интереси.

Затоа, несомено е дека ќе го дочекаме денот кога значителен дел од американската јавност ќе објави: доста беа ограничувањата и изолациите, мојот бизнис страда и се кршат моите слободи гарантирани со Уставот. Тоа е тензија во САД од внатре за која во Вашингтон се свесни и секако подготвуваат одговор. А предизвикот е голем: Кина се шири низ светот, од внатре следи отпор на мерките против епидемијата, жртвите се множат, пари за санација на штетите ќе снемува... Кој, и како ќе плати за сето ова? А некој друг ќе мора.

Ништо во политиката, особено на САД, не е случајно и спонтано. Во таа математика Европската унија е загубена гуска во маглата, една од целите да ја плати економската штета на САД од епидемијата. Оној кој верува дека ваквата Европска унија, после ова, има иднина – тој се клади на болен коњ. Европа нема војска ако се случи воен предизвик, ниту има јасен државен систем и пари за борба против епидемијава, ниту пак има решенија на кои некоја членка им верува повеќе отколку на себе. Корона вирусот ја фрли Европската унија во тешка треска со неизвесен крај.

Европската унија, во кризава, е само пирамида за огромна бирократија со високи плати која нема ни грам одговорност ниту иницијатива. Само фондови за аванта и пазар за евтини работници од Бугарија, Полска или Романија... и ништо друго.

И, баксузи какви што сме, ние баш во ова време на трезнење очекуваме почеток на преговори со таа, и таква, Европска унија во распад. Ако преживее, ЕУ ќе се сведе на 12-те богати држави а останатите ќе волонтираат како сателити за евтина работна сила и европски извоз без исти права со привилегираните, што е германски модел на европската иднина. Од ЕУ ние фајде нема да видиме. Се надевавме дека од Брисел ќе воведат правна држава, а го видовме спротивното. Нивното СЈО е распуштено и во затвор, а миленикот Заев за дави во корупција.

Тоа што од Брисел најавија дека ќе не помогнат со 66 милиони евра во епидемијава е обично политиканство, тие пари нема да дојдат. Да ве потсетам дека не натераа да примиме 500.000 мигранти и најавија 57 милиони евра помош кои никогаш не ги видовме. Ги изеде бриселската бирократија.

Значи, треба да се снаоѓаме сами. Имаме ли ние знаење и шанса да се справиме со кризава? Имавме порано, во 2008-2009 ја решивме големата европска финансиска криза дури и со добивка. Македонија тогаш имаше економски раст околу 5%, дупло од европскиот просек. Ја решивме без последици и големата бегалска криза во 2015 година. Но, тогаш на власт беше ВМРО ДПМНЕ, тоа е друга школа и традиција. Тие отсекогаш имале капацитет за вакви предизвици. Сега се на власт СДСМ, и гледаме како изгледаат нивните решенија: земи од работниците дај и на државата. Државата ги зема парите и ги троши по тендери без контрола. На крај, нема пари ни кај граѓаните ни кај државата. СДСМ, како и по транзицијата, ќе си заминат богати, а ние остануваме со последиците и долговите.

Не треба да бидеш економист за да разбереш: ако државата ги скрати платите на минималец, нема од каде да се земат даноци, нема промет и следат откази. Ако нема кој да плаќа даноци државата оди во банкрот. Просто и секому разбирливо. Затоа сите во Европа, и САД, се трудат платите и вработеноста да се сочуваат, за да има кој да плаќа даноци и да троши со што ќе сочува туѓо работно место. Но, ние не сме ни европјани ни Американци, ние сме најпаметни, социјалдемократи. Да не ги потсетувам дека пред епидемијата за коцкарски апарати на Државна Лотарија отидоа 14 милиони евра. За СЈО дадоа 16 милиони евра за да им обезбеди еднопартиски систем, сега немаат милион евра за тестери и респиратори.

И, како такви, ние сме банкрот држава. Шефот на СДСМ и наредува на владата, владата преку минстерката за финансии вели ни фалат 600-700 милиони евра кои ќе ги покриеме со кредити. За два дена излегува Заев и тврди ни фалат 1,2 милијарди евра. Ден по него неговиот вицепремиер Анѓушев цени дека ни фали повеќе - 2 милијарди евра, па на крај владата го крена влогот на загубата на 3 милијарди евра. Лицитацијата на банкротот е во тек.

А годината само што почна. Ние имаме буџет од 4 милијарди евра во кој, уште на почетокот на годината, фалат 2 или 3 милијарди евра! Хаосот не е веќе пред врата, влегол преку телевизорот што ве држи под наркоза од пропагандата на СДСМ.

Ништо добро не можеме да очекуваме од нив. Пендаровски рече дека немаме капацитет, а Филипче дека ќе имаме многу нови заболени и починати, што е врв на експертско мислење и надеж за ситуацијава. Иако, гледам, градоначалникот на Вевчани бил трогнат па донирал пумпа за прскање лозје. Машала, ќе не биде.

Тоа, и тоталитаризмот, се цената за проектот Северна. Родена во грев живееше во корупција и загуби 3 милијарди евра уште пред вториот роденден. Северна е банкрот држава!

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата