Крузерот „Зандам“, на кој се сместени над 1.800 луѓе во близина на Панама, е во трка со времето да ги префрли здравите патници на друг брод, откако четири лица починаа од коронавирус.

Сопственикот на крузерот, компанијата „Холанд Америка“, соопшти дека повеќе од 130 луѓе на бродот кажале оти имаат симптоми слични на грип, како и проблеми со дишењето.

„Холанд Америка“ наведува дека планира да ги префрли здравите патници во сестринскиот брод „Ротердам“, кој исто така се наоѓа кај западно-пацифичкиот брег на Панама.

„Зандам“ планира да исплови низ каналот Панама кон Карипското Море, а потоа да продолжи кон Флорида.

Панамските власти соопштија дека ниту еден брод со потврдени случаи на коронавирус не може да го премине каналот.

„Ние продолжуваме да работиме со властите во Панама за да добиеме одобрение да поминеме низ Панамскиот канал и да запловиме кон Флорида“, соопшти компанијата „Холан Америка“.

На бродот има 1.243 патници и 586 членови на екипажот, вклучително и четворица доктори и четири медицински сестри.

Крузерот „Зандам“ исплови од Буенос Аирес, во Аргентина, на 7 март.

извор: Makfax

Најчитани вести