Светската карате федерација (WKF) денеска реши да го одложи олимпискиот квалификациски турнир за Токио 2020 на неодредено време. Турнирот кој треба да биде последниот филтер за каратистите кои ќе обезбедат олимписка виза требаше да се одржи во Париз од 8 до 10 мај, беше првично одложен за јуни, а сега и на неодредено време.

Светската федерација најави дека и натаму ќе бара „најсоодветен датум“ за одржување на турнирот, но откако ќе биде дефиниран точниот термин за ЛОИ во Токио следната година. Од Париз ќе се пополнуваат по три места во секоја од осумте категории кои ќе добијат шанса да се појават во Токио.