Силјановска: Не им личи на социјалдемократи ТОВАРОТ НА КРИЗАТА ДА ГО ПРЕФРЛААТ НА НАЈСИРОМАШНИТЕ

25.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Силјановска: Не им личи на социјалдемократи ТОВАРОТ НА КРИЗАТА ДА ГО ПРЕФРЛААТ НА НАЈСИРОМАШНИТЕ

Професорката Гордана Силјановска на својот фејсбук профил ги коментираше актуелните состојби во државата предизвикани од вонредната состојба поради коронавирусот.

Опасноста од авторитарен популизам и тоталитарни тенденции во вонредна состојба

Имав прилика да живеам во хибридна држава, која, како што кажа југословенскиот нобеловец за литература, Иво Андриќ, за Истокот беше Запад, а за Западот – Исток. Себеси се квалификуваше како: демократска, народна, држава на авангардата, реал-социјалистичка, самоуправно- социјалистичка. Западот, и покрај нејзината специфичност во однос на државите на Источниот блок, сепак, ја перципираше како тоталитарна.

Орвел луцидно предупреди на заканата од тоталитаризмот во својата „1984“. За жал, „орвелијанската“ држава не е само извонредна проза на Џорџ Орвел, поврзана со одбраната на слободата, туку и повторувана реалност, во која препознаваме тоталитарни елементи и манифестации. Што се однесува, пак, до политичкиот јазик, политичарите, ниту пишуваат, ниту говорат јасно, што значи дека не мислат јасно, со што ја загрозуваат нашата слобода! Да потенцирам: авторитарниот популизам се манифестира и се препознава и преку политичкиот популистички говор, употребуван не само од политичарите, туку и од креаторите на јавното мислење: новинарите, интелектуалците, аналитичарите, невладините актери, граѓаните, активни на мрежите…. Не е во прашање небирократски, сочен, свеж вокабулар, ами глаголење ad hominem, употреба на груб, примитивен, непристоен речник, под маска на божемно, народен, директен, едноставен јазик, разбирлив за сите, а не само за учените! Лошиот јазик, нејасниот и пропагандистичкиот, секогаш продуцира лоши политики, а добриот може да произведе добри политики, – вели Орвел во „Политиката и англискиот јазик“.

Посторвеловото време покажа дека демократијата не е имуна на тоталитарна пропаганда и на новоговорот, како што мислеше Орвел, туку дека е загрозена во слаби и недовршени држави, во илиберални системи и хибридни режими од авторитарен тип.

Веќе предупредив на зголемената опасност од авторитарен популизам во вонредни околности, во амбиент на, не само нормативно, ами и фактичко отсуство на поделба на власта, поради распуштеното собрание. Ако при вонредната состојба, претседателот на државата се однесува како владин сијамски близнак, наместо како глава по мера на граѓаните, ако Уставниот суд продолжи да вегетира, наместо да се активира, одважувајќи се да поништува уредби со законска сила што не се во духот на Уставот и законите, и тие немаат врска со решавањето на кризата, ако невладиниот сектор, станува провладин и наместо да ги опсервира и граѓански „ветира“ владините политики, кокетира со власта и профитира од непристојното владино-невладино партнерство, настрвен на опозицијата; ако интелектуалците езоповски/еуфемистички продаваат псевдонаука наместо да предаваат наука низ жестока, аргументирана критика; ако медиумите, наместо неутрално и објективно да информираат, – креираат виртуелна реалност низ сликите на финансиерот или на државата, или посегаат по заводлива инфозабава, спектакли и видеоигри по однапред определени добитни матрици и шеми, навредливи за интелигенцијата и за здравиот разум, – ќе се појават тоталитарни тенденции.

За корените на авторитаризмот, веќе пишував, укажувајќи на ленинистичко-сталинистичкото наследство, на патријахалниот и поданички однос кон партиските лидери, на жртвувањето на индвидуализмот на колективитетот и незавршената граѓанска еманципација, на имитациите на „титоизмот“ од ликови со сиромашно знаење и интегритет, фрустрирани и арогантни, политички хиени, збогатени преку (зло)употреба на политичката положба, лидери кои ѝ се додворуваат и ласкаат на меѓународната заедница, ги идеализираат и глорифицираат ЕУ и НАТО секогаш и секаде, па дури и кога грешат, не од увереност, туку заради лажно легитимирање како „Европјани“ и модерни, а всушност, за да се одржат на власт, во која патолошки уживаат. Самите, или од оние околу нив, се прогласуваат за „историски личности“, „ харизматични лидери, храбри актери во донесувањето на „историски одлуки“! Прагматичните играчи на меѓународната сцена им го потхрануваат вештачки надуеното его со незаслужени комплименти, признанија и награди, потхранувајќи им ги големите илузии на „историски личности“!

Социјалната реалнoст во која живееме може да се опише како кронизам, односно „банана република“ од латино-американски тип, со остра и непријателска политичко-партиска поларизација и гладијаторска конфронтација, со огромна и срамна сиромаштија, со голема нееднаквост во приходите, со богатство концентрирано во, можеби, 1/5 од популацијата, односно со неколку десетини фамилии што поседуваат цели градови, поседи и „луѓе“, небаре се „постмодерни“ феудалци и закрепостени поданици.

Главни актери во процесот на одлучување не се државните органи, туку партиите, односно нивните лидери и водства. Дезидеологизацијата е нивен основен белег, па партиските патрони и елити, во однос на идеологијата се како ден и ноќ. Тешко може да се врзат раскошниот, малограѓански стил на живот и социјалдемокраската идеологија и држава, солидарноста и хуманизмот, скромноста и пристојноста. Кога тајкуни и олигарси се декларираат како бранители на социјално-економските права и се зaстапуваат за правда во економијата, – звучат како популистички демагози!

Политичкиот говор многу кажува за (не)демократското здравје на државата. Постојано слушаме изјави, читаме ставови на јазик што открива незнање, сиромашно образование, несигурност, отсуство на општа култура. Сведоци сме на јазична импровизација, па и на хаос, на неконзистентност на мислата, на несигурност во исказот, на невидени лапусуси, на навреди… Слушаме и читаме говор на омраза. На лошиот говор му нема спас ниту од армијата советници, ниту од експерти за јавни односи – пропагандисти. Наученото не се одучува, ниту ненаученото се скрива.

Авторитарно-популистичката власт наместо на ветените реформи се фокусира на себе, водена од максимата „carpe diem“, вработувајќи си „свои“ и „ нивни“ по партиски клуч, покачувајќи си ги платите и надоместоците, заборавајќи ги граѓаните на кои се навраќа само пред избори кога одеднаш „ќе најде“ средства за социјална помош, за минимално покачување на платите на определени категории вработени и на пензиите; ќе се фрли на градителски потфати, ќе редуцира некои давачки… во потрага по гласови.

Столбот на оваа влада е социјалдемократски, но повеќе според програма, одошто според политика. ВМРО-ДПМНЕ излезе со низа конкретни мерки за справување со кризата, но и за заштита на најранливите категории, како најпогодени од неа, а социјалдемокартската влада, која сред мандатот се откажа од прогресивниот данок кој ѝ беше главен изборен адут, – се врати на рамниот, а во вонреднава состојба предлага радикално линеарно намалување на платите, сведено на 14 500, не само за носителите на политичките функции, туку и на државната и на јавната администрација, вклучително и на образованието, со што го загрозува егзистенцијалниот минимум во неолиберален, па и дарвинистички стил, – на што се спротивставија и министрите од ДУИ, како и самата партија. Политички одговорно е во тешки времиња, штедењето да почне со личен пример: министрите и пратениците да продолжат со укинување на надоместоците за членство во управните одбори, како и на оние за советнички функции, да се укинат платите за неуставното и незаконско примање плата за седење дома.

На социјалдемократи не им личи товарот на кризата да го префрлат на најсиромашните…

Впрочем, најголем товар за македонските граѓани беше и – е непримерно гломазната влада, со армада од 26 министри, од кои најголемиот број се бесполезни и политички вдомени поради пазарна политика.

За жал, оваа криза е како Бермудски триаголник, со санитарна, здравствена и економска закана. Посакувам Тевдовски и Анаѓушев да беа дел од Владата, поради нивното економско знаење, наместо Нина Ангеловска, а особено Мила Царовска, кои се на погрешно место во погрешно време. Но, секоја чест за откажувањето од платата на министерката Ангеловска. Нејзиниот политички судир со дополнителната заменик-министерка Гордана Димитриеска-Кочоска, во време на криза мора да се трансформира во плодна соработка. Ако министерката Царовска беше добар избор за труд и социјална политика, за економија е лош и со министерот за економија дејствуваат некако паралелно и неусогласено. Убедена сум дека разрешената министерка Мизрахи ќе беше од голема полза во овие тешки времиња.

Владата манифестираше малограѓанска склоност кон комотен стил на живот, недомаќински зголемувајќи ги платите на заменик-претседателите, шефовите на кабинетите, давајќи големи суми пари за патувања, прослави… Да не говориме за партиските пари и за бришењето на линијата меѓу државата и партијата. Ја помните ли генералната проба на „ Правиот пат“ сред мандат? Се сеќавате ли на партиско-владините спотови, емитувани за време на рекламите во познати дебатни програми, па дури и на вести, како политичка програма, непозната во европски медиумски рамки. Во нив статираа дури и лица кои поради независниот статус на институциите на чие чело се наоѓаат, како што се Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување, не смееше да бидат партиски експонирани. Неколку министри и министерки, но и директорката на Управата за јавни приходи, го (зло)употребија државниот простор за партиско-естрадна предизборна промоција, во рамките на филмскиот проект „ 30 прашања на ..“, понекогаш опкружени со службени, па дури и со униформирани лица! Надлежните не реагираа, само немо набљудуваа.

Се одложија изборите, прекинаа активностите на ДИК, но остана Преодната влада, иако со специфичен мандат да обезбеди услови за фер и демократски избори, коишто нема да се случат на 12 април, без министерката за труд и социјална политика, која дојде од опозицијата, согласно со измените на Законот за влада!!!

Преодната влада се фрли на производство на уредби со законска сила. Наместо да се концентрира на регулирање на состојбите врзани за пандемијата, таа, небаре две во едно, односно Собрание плус Влада, реши да продуцира: Уредба со законска сила за вештачење за време на вонредна состојба; Уредба со законска сила за примена на правосудниот испит; Уредба со законска сила за примена на Законот за медијација за време на вонредна состојба; Уредба со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба; предлог за донесување уредба за укинување на државното финасирање на партиите… Министри предлагаат, портпаролот Костадинов ги обзнанува предложените уредби и партиски ги подрджува на прес-конференција, министерката за финасии презентира мерки за излез од кризата, па бившиот премиер, г. Зоран Заев, предлага програма за излез од кризата по неа… – Што е партија, што е држава – се прашувам, – каде завршува партијата и каде започнува државата, кој е вистинскиот премиер?

Се плашам и предупредувам дека концентрацијата на енорма моќ во рацете на Владата, без контрола, отвора простор за тоталитарни тенденции. Во „ Политичка теологија“, Карл Шмит потсетува дека „суверен е оној што носи одлука за вонредна состојба“. Кај нас, таа ни ја донесе шефот на државата, но тој, не носи уредби со законска сила, како во другите уставни системи, туку Владата. Значи, суверенот во вонредна состојба е Владата и од неа доаѓа ем спасот од кризата, но и – опасноста од тоталитаризам! Нужна е себудноста, особено од опозицијата, но и од Престедателот и од Уставниот суд, од невладиниот сектор, од новинарите во поглед на заканата по човековите права, особено по правото на собир, правото на движење, но и неповредливоста на домот како „најзагрозени“ во вонредна состојба, и полицискиот час поради можноста за ограничување, кога, со повик за заштита на здравјето, лесно може да се се загрози нашиот човечки и граѓански, физички и духовен интегритет. Во секоја несреќа има среќа, вели изреката и, за среќа, верувам дека присуството на г. Наќе Чулев, како министер од друга партија е извесна брана за концентрација на огромна моќ во Министертвото за внатрешни работи, кое, според природата на работите, – е меѓу најекспонираните во вонредната состојба.

Не смее да се дозволи ограничување на т.н. апсолутни права, како што се правото на живот, но и слободата на мислата и нејзиното изразување. Без нив, не сме човечки суштества!

Ме радува острата реакција на обидот за ограничувањето на правото на информирање преку селекција на новинарите на регистрирани и „нерегистрирани“, односно оние што ќе можат и други што не ќе можат да ја прашуваат Владата, затоа што, првите поставуваат убави прашања, а вториве „проблематични“.

Ме радуваат снегулките зашто белината ми ги брка црните мисли! Посакувам таа да ја избрка и болеста!

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата