(Видео) Туристичките агенции ќе издаваат ваучери за пропаднатите аранжмани

24.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Туристичките агенции ќе издаваат ваучери за пропаднатите аранжмани

Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека Министерството за економија  доставило до Владата уредба со законска сила со која се предвидува издавање ваучери на туристичките агенции во  вредност на сумата уплатена за аранжманот што бил откажан како резултат на избувнување на кризата со коронавирусот.

„Со оваа мерка на туристичките агенции што работат outgoing (појдовен) туризам ќе им се овозможи да издаваат ваучери во износ на уплатената сума што може да се искористи за кое било следно патување заклучно со 31.12.2021 година. На тој начин клиентите кои поради настанатата ситуација со кризата од коронавирусот ги откажале своите аранжмани нема да ги изгубат уплатените средства на износот што го уплатиле, а во исто време туристичките агенции би можеле да го издржат финансискиот товар кој би се распределил на подолг временски период“, кажа Бектеши.

Според предлог-уредбата, издавањето на ваучерите ќе биде унифицирано за сите агенции и ќе се реализира со согласност од двете страни, односно туристичката агенција и патниците. Туристичките агенции кои ќе престанат да ја вршат дејноста ќе имаат обврска средствата во целост да им ги вратат на клиентите. Туристичките агенции кои нема да ги почитуваат условите за издавање ваучери, ќе добијат соодветни казни согласно Законот за туристичка дејност и Законот за прекршоци.

„Но, не само тоа. За поддршка на туризмот, кој е најпогоден од кризата, на барање на Министерството за економија, Здружението за заштита на авторски и музички права ЗАМП донесе одлука да ги ослободи од плаќање надоместок за музика рестораните, хотелите, кафулињата и другите корисници на музика со оглед на тоа што не работат во моментов. Заедно со Фондот за туризам, кој веќе беше формиран и со останатиот пакет економски мерки на којшто интензивно работиме, можам да кажам дека ќе бидат прифатени сите барања на туристичкиот сектор кој е најпогоден од коронавирусот“, кажа министерот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата