Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, се укинува царината на 13 медицински производи

24.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, се укинува царината на 13 медицински производи

 

Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, а се укинува и царината на 13 медицински производи. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата презентираше нови мерки за справување со последиците од коронавирусот, Ковид-19.

Како што информираше Бектеши, како дополнување на одлуката која ја донесе Владата на 19 март, со која се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи и дезинфекциски средства, Владата на вчерашната седница ја дополни оваа одлука со што се замрзнуваат и цените на потрошен медицински материјал и медицинска опрема и материјали. Замрзната ќе биде цената која што била утврдена на 11 март 2020 година кога Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на коронавирусот, Ковид-19.

„Целта на ова дополнување е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема кои што во изминативе неколку дена пораснаа за неколку пати поради зголемената побарувачка кај граѓаните како средства за основна заштита од коронавирусот. Овие цени како и претходната одлука ќе се применуваат до 30 април 2020 година“ кажа министерот.

На Седницата на Владата, беше донесена одлука за укинување на царината на 13 медицински производи, кои се увезуваат во делот на потрошен медицински материјал

„Со оваа одлука 100 проценти се укинува царината за: етилалкохол со 80% содржина на алкохол и повеќе, етилалкохол и други алкохоли, денатурирани, сапуни за тоалетна употреба, производи и препарати за миење на кожа, во форма на течност или крем и приготвени за продажба на мало со или без содржина на сапун, детергенти, препарати за перење и препарати за чистење, пластична облека и прибор за облека, текстилни драперии кој се употребуваат при хируршки процедури, маски пластични со текстилен филтер, очила со стакла од пластични маси. Укинувањето на увозната давачка, царинската стапка на стоките ќе важи до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба“, информираше Бектеши.

Во делот на царината донесена е и уште една мерка која произлезе како барање на компаниите од месната индустрија. На предлог на Министерството за економија како што кажа Бектеши на вчерашната седница на Владата донесена е одлука за четири месеци да се продолжи рокот до кој месната индустрија ќе може да увезува замрзнато месо без царина, односно до 31 октомври.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата