Бачев со писмо до Мицкоски: Ако си Македонец не оди на средбата кај Пендаровски

16.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бачев со писмо до Мицкоски: Ако си Македонец не оди на средбата кај Пендаровски

Во пресрет на утрешната средба кај претседателот Стево Пендаровски, попладнево претседателот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, упати писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

“Ве повикувам утре да не одите на средбата кај Стево Пендаровски доколку Пендаровски остане на формат на средбата со две македонски и дури пет албански партии. Пендаровски е голем срам за Македонија и Македонците. Пендаровски заборавил во која држава живее со поканата кај него на гости да одите и за изборите да одлучуваат две македонски и дури пет албански партии на албанското малцинство.

Г-дине Мицкоски, ако сте Македонец од Македонија немојте да прифатите една ваква во основа длабоко понижувачка и навредлива лидерска средба со формат на две македонски и пет албански партии. За изборите, како исклучително значајно прашање решение треба да се бара според формулата за учество на сите политички субјекти – учесници на изборите и тоа од најмалку две причини, прво, учество на сите партии кои учествуваат на изборите овозможува решение со најширок легитимитет прифатено од македонскиот народ и државјаните на Република Македонија, и второ, учество на две македонски и дури пет албански партии е неприродна, неприфатлива и недозволива состојба, бидејќи не ја отсликува реалноста во Република Македонија, недозволиво го фаворизира албанското малцинство наспроти македонскиот народ и сите други малцинства во земјата.

Дотолку повеќе, овие избори имаат историско значење – или ќе се зацементира бришењето на се што е македонско или ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ги поништат антимакедонските договори со кои се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.

Знам колку се овие прашања важни за вас и длабоко го ценам времето што го употребивте да ги разгледате моите размислувања од витален интерес за македонскиот народ и македонската држава“ вели Бачев во писмото до Мицкоски.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата