Понеделнички

Езера начекаа, и водата ја украдоа!

8.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Езера начекаа, и водата ја украдоа!

Покрај другите, во  СДСМ владее и креативна блокада. Се потрошија сите спинови за пофалба на нивниот Зоран Заев па, на крај, мораа блокирани да признаат: друже, не ја бива. Батали ТВ дуели, само штета ни носи секое твое појавување на телевизија, а она контра Мицкоски па ептен.

И така, Заев избега од ТВ дуелот на Алфа. А за покритие на бегањето мораше да собере десетина омладинци од партиските ботови за на прес од страна они да му довикуваат: не шефе, не оди на Алфа, аман никако не оди. И он, како човек кој го слуша народот, особено ботовите – избега од ТВ дуел. Како оној храбриот Црногорец кога им раскажува на внуците дека Турците пола од неговата чета ги стрелале, а пола ги ебеле. – А ти дедо, во кои беше, прашале внуците. – Нормално, јас бев во стреланите, се пофалил дедото. Така и друже Зоки пред неговите ботови.

Ако не, па да го пуштат Боки 13 од затвор да ја реактивира неговата 1ТВ за на раат да гостуваат Заев, министрите му, сите по ред обвинители и само поштените судии. Може да се почне со гостување на Радмила Шекеринска која храбро и гордо објави дека после три години власт Одбрана купила патики и тренерки за војниците. Окапаа на 1ТВ, а некои како Радмила Ш. и дома кај Боки 13, пошто беше видно дека Луј Витон и Фамилијата стојат зад таа телевизија која друже Зоки толку ја засакал па му било мило што со парите од рекет, великодушно, плаќале кај неговиот Боки. Да гостува некаде друже Зоки на раат, без ремет, и да не се обрука.  

А без тоа ова ќе беше убава недела за друже Зоки и неговата партија. По неговите протести пред суд, а кога власт протестира пред суд тоа не е заебанција, одма уследи судење против ВМРО за Талир и истрага за Талир два. Онака, спонтано, баш пред избори. Па потоа истрага и за Антонио Милошоски како народен херој во оваа генерација на ВМРО кој најмногу им боде очи на заштитените лица од СДСМ.

И, за целосно задоволство, на затворска казна го осудија Александар Митевски уредникот на Инфомакс затоа што ги објавил сведочењата на Орце Камчев, Зоки Милевски Кичеец и сведочењето на Виктор Доневски, поранешен директор на МПМ. Сведочењата, за разлика од Јавното обвинителство, црно на бело го спомнуваат Зоран Заев но, и неговте блиски како дел од настаните околу Рекет, а Обвинителството тврдеше дека такви имиња нема. И, нормално за хибриден режим како што ја процени лондонски Економист оваа власт на Заев, уследи казна од шест месеци затвор за новинарот. Оди сега ти па биди новинар кој ќе се дрзне да објави документ што не е по воља на обвинителството и власта.

За да нема дилеми, друже Зоки уште еднаш им се закани на судиите: на кој судија ќе му застари предмет против опозицијата – ќе биде сменет! За Бучко може да застари, за другите никако. Сега Бучко на раат го фали Заев на Телма. Пази, он, Заев кажува кој судија ќе биде сменет. Судиите ќутат, амбасадорите не го слушаат ова. Синдромот Катица е се уште жив, иако Катица Јанева е во притвор. По таа логика, заради незавршени предмети кои, патем, создале и околу 150 милиони евра штета, на робија без судење треба да одат министерот Венко Филипче за застареност на проектот Клиничка болница Штип или Сугаре министерон заради застареност на автопатот Кичево Охрид. Арно ама, од тие 150 милиони штета поради доцнење ќар има и Фамилијата, и тоа е веќе друга приказна. А такви приказни во Обвинителството се забранети. Лично од друже Зоки.

Друже Зоки сега ветува плата не од 500, него 600 евра просек. Ако му поверувале за 500-те евра, со ветување од 600 евра ќе паднат во делириум. Патем, ќе намалел државна администрација за 20%, што е најава за отказ за околу 25.000 луѓе од јавниот сектор. И тоа во време кога СДСМ за само две години вработи 40.000 свои партиски членови во државната администрација, во денови кога еве сега се вработуваат 300 нови во Пошта, па уште 300 во Водовод, Македонски шуми, Катастар... Епидемија од партиски вработувања во државната администрација.  

Вице премиерката Мила Цароска дели по Шутка нови партиски членски карти за Ромите. И тоа во работно време. Иако сите места за членови во СДСМ, според неа, се пополнети постојано има интерес за нови. Членска карта во СДСМ ти е диплома при вработување, место за тезга на пазарче, клучен доказ за спас на суд, заштита од пајак... Ма, тое е влезница за во рајот. Не се сомневам дека кога Папата Франциск беше во Скопје ги има благословено и попрскано со света вода членските карти на СДСМ да им се фати чудото, и чудесно да победат на избори.

Па, после најава за 25.000 откази, ако работиш во државна администрација или имаш таму некој свој, со кој памет ќе гласаш за некој што ти најавува отказ?! Или, мислиш тоа тебе нема да те снајде, се однесува на некој друг. И во времето на Бранко, на темната транзиција, 200.000 добија откази верувајќи дека транзицијата на Црвенковски нема баш нив да ги погоди. После дознаа, ама беше касно.

Како што касно се освестија оние кои гласаа пред три години за СДСМ и не веруваа дека таа власт ќе донесе двојазичност, бришење на македонската нација и јазик и уставни промени кои ќе го бетонираат тоа. Дека ветувањата за плати од 500 евра, 200 километри автопат, СЈО и правна држава се само јадица за наивните. Оние кои тогаш се упецаа на јадицата во голем дел денес се каат. Еве, сега, прелажаниот шарен професор Апасиев им најавува дека гласајќи за СДСМ гласате за идна кантонизација, федерализација на Македонија. Партнерот на СДСМ, од Беса, дури и го потврди тоа. Другиот коалиционен партнер, Тито Петковски, најави промена на химната и грбот на државата. Па, да не биде утре пак дека не сте знаеле.

Промената на имиња на училиштата во Чаир ви е прв индикатор што следи на тој план. И тука Заев одигра по свое, на свој начин. Прво изјави дека тоа не е законски, а утредента дека се било според Закон. Изјави дека нема двојазични табли во Струмица, па после рече дека има и наредил да ги тргнат ама, ене ги, таму се се уште. Тој не ги гледа Македонците ни за живи, се надева само на албански гласови за спас. А колку Албанци се вработени во фирмите на Фамилија Заеви?!  

Државава живее во состојба на клиничка нервна растроеност поради серијата скандали, корупција и непотизам. Денес речи – утре одречи свои изјави. Луѓето се збунети и дезориентирани. Во СДСМ ни сами себе не си веруваат, дури неговите ни на ТВ дуели не го пуштаат, па не гледам зошто некој друг би им верувал.

За која политика зборува Заев? Па меѓународната заедница објави истражување на Транспаренси Интернешнел според кое Македонија е најкорумпирана држава во Европа. Повеќе и од Босна и Косово. И по години, најголема корупција имало од 2002-2006 под власт на Црвенковски и Бучковски, и од 2017 до 2020 под власт на Заев. Така пишува. Секој го гледа тоа и без ова меѓународно истражување.

Кога СДСМ дојдоа на власт имавме езера, денеска езерата – ги нема. И езерата ги украдоа. Како дојдоа зад нив останува само пустелија.

Заев и СДСМ се откажаа од Македонците, време и Македонците да се откажат од нив. Тие се крстат во албански, преку подземејето претежно купени и насилно собрани гласови, и странска помош пред избори која баш тогаш би дала членство во НАТО и најава, само најава, но не и потпишување за почеток на преговори со ЕУ.

Едно просто прашање за напалените: кој влегува во НАТО и ќе преговара со ЕУ? Која држава и со кој народ, со кој јазик?! Со која историја и со чија култура?

Заевата недела зад нас, деновите на искушение за Македонците, не се завршени. До 12 април ќе има куп вакви стресови, скандали, апсења, судења, ветувања без покритие, закани до судии, до бизнисмени, новинари, до вработени во државна администрација... закани до сите. Тоа треба да се очекува, и треба да се издржи. Слободата и стабилноста никој не ги добил на поклон, ниту лесно. Одговорот дали слободата и стабилноста ви треба се дава на избори. Се гласа лично.

Оваа власт не владее затоа што победила на избори. Владеат насилни полуписмени луѓе, олигарси, подземје и трговци. Ликови залутани во политиката. Владеат со сила, закани и измами, копии на Френк Андервуд од House of Cards.

Како што велат, најголем број од посадата на бродовите се неуки непливачи. Намерно. Тие најмногу се борат за да го спасат бродот од потонување.

(09.03.2020)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата