Понеделнички

Не знам, не се сеќавам

1.03.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Не знам, не се сеќавам

Последниве години до толку се нагледавме измамници што се навикнавме на нив. Како нешто нормално, а не е. И кога ќе сретнеме нормален човек по навика му ги бараме мааните, бараме каде е скриена измамата. Отруени сме тотално.

Не дека политиката порано ни била манастирски поштена и етична, далеку од тоа но, колку лажови, преваранти, лопови и рекетари се изнагледавме последниве три-четири години немаме толку видено од осамостојувањето на Македонија.

Се што е кажано од Заев и СДСМ пред парламентарните избори во 2016 година, се е излажано. До последна запирка. Од тоа дека Заев гарантираше, па дури и се потпиша кога го бараше мандатот за премиер, дека нема промена на уставно име и двојазичност. До платите од 500 евра што ги ветуваше, а за возврат воведе 50% поголеми даноци. И десетици такви измами кои одат на душа негова но, и на неговите гласачи кои имаат одговорност за последиците пред сите други.

Го гледав и јас ТВ дуелеот помеѓу Заев и Мицкоски. Добро, како и мнозинството во јавноста, и јас мислам дека и на овој ТВ дуел Мицкоски беше поубедлив, по стручен и манастирски поштен во однос на Заев. Но, тоа и не е нешто ново. Сите ТВ дуели помеѓу нив двјца завршиле со повеќе или помалку убедлив пораз на Зоран Заев. Едноставно, Заев не е за политика, тој е трговец со човечки души.

Дури и неговите дигнаа раце од него. По ТВ дуелот по социјалните мрежи и порталите блиски на СДСМ само двајца се обидуваа да ја поправат сликата за својот шеф од Струмица: неговиот советник Марјан Забрчанец кој без школо и знаења повеќе личи на фудбалски навивач отколку на ПР советник, и секако струмичкиот клон Манулаќ, Костадин Костадинов. И толку. Ни еден глас од таа страна не се пушти да каже: шефе, добар беше. Заев, ти си наш победник. Никој.

Заев е бивши, надежта на СДСМ после негов пораз се вика – Мила Царовска. И, ако поштено погледнеме, нема друго име во врвот на таа партија кое предизвикува барем минимален респект. Затоа, каков и да биде резултатот на овие избори, Заев заминува, а се него целата провинцијалска булумента од Кирацо, преку Манулаќ до Ременска... Секој глас за Заев на овие избори е фрлен во бунар, ако добие многу гласови од неговите СДСМ ја губи Мила Цароска како последна надеж.

Сето ова се потврди и на последниот ТВ дуел.  

Заев тврди дека тој го пријавил Боки 13 за рекет, а нема никаков записник за тоа. Не пријавил, лаже. Секоја пријава е писмен документ кој во случајов не постои. Тоа што лаже не е ништо ново, страшно е што обвинителката Вилма Рускоска усмено потврди дека пријавил, и така станува соучесник во лагата на Заев, а јавноста од неа очекува многу, очекува сосема спротивно однесување од она на Катица Јанева и не прифаќа давање обвинителско алиби на пропаднат бивш премиер.

Во април, кога Заев дознал од Орце Камчев дека е рекетиран, тој со сите сили ја поддржуваше Катица Јанева за нов мандат. Знаел дека рекетира, но ја поддржувал затоа што му треба за прикривање тендери, рекети и да ја стрпа цела опозиција во затвор. И државниот јавен обвинител Јовевски ја поддржуваше Катица од април до апсењето иако, според Заев, знаел дека рекетира. И, толку. Нема потреба од повеќе докази за спрега помеѓу обвинителството и Зоран Заев.

Заев десет пати зборува за истата мантра: Мицковски е одработувач, послушник на Груевски и неговиот режим. За режим, после се што видовме од Заев, нема потреба веќе да збориме. Пола опозиција е во затвор или по судови, сменети се тројца главни уредници на најголемите медиуми, фатен е како бара нарачки за судскиот совет и од Врховниот суд, секој тендер завршува кај неговата Фамилија, а се носат закони само за одбрана и заштита на интересите на Фамилијата. Лондонски Економист ја оцени власта во Македонија – како хибриден режим. Три европски држави: Грција, Унгарија и Шведска пресудија дека во Македонија има политички прогон. По режим од тоа здравје.

Да се вратиме на неговата мантра, Груевски ја води политиката на ВМРО ДПМНЕ. Каде е денес Груевски? Во Будимпешта. Осуден е на затворска казна, се соочил со закани по живот и избегал. Кој одговарал за бегството на Груевски... никој. Врховниот суд одговара за бегството на Кочан кој сам се врати назад, за бегството на Никола Груевски не одговара никој. Што тука некому не е јасно?

Зошто на Заев и СДСМ им е толку битно да создадат лажна, виртуелна слика дека на овие избори ќе се гласа за Груевски, а не за Мицкоски? Затоа што СДСМ и Заев немаат шанса за победа против Мицкоски. Бегаат од него. Затоа што голем дел од гласачите на СДСМ се разочарани од Заев и ќе апстинираат, нема да гласаат на овие избори и сега СДСМ се обидува да им создаде виртуелна емоција, лажен мотив дека противник им е Груевски, да ги врати на расположението од 2016-та и со измама да ги изнесе на гласачките места. Но, гласачите се толку често измамувани, прелажани од Заев што новата лага не поминува. Изборот во април е оној што сите го гледаме: Мицкоски или Заев. Ново време или корупција. Изборот е дали себе се сметаме за Македонци или за безлични граѓани на Северна.

Не тврдам дека Груевски е виновен за она што го гонат. Напротив, се согласувам со судовите во Шведска, Унгарија и Грција дека во Македонија има политички прогон. Најпосле, Мицкоски има свој тим и нова политика и нема никаква одговорност за делата на својот претходник, барем ништо повеќе од тоа што Заев има одговорност за делата на СДСМ од времето на Црвенковски на кого му беше и потпретседател, или за военото профитерство на претходникот Владо Бучковски. Мантрата е уште едно фрлање прашина во очите на јавноста. Заев нема резултати, тоа го боли, се друго е изговор и маскирање на клиничката слика.

На ТВ дуелот Заев, ладно, како да настапува во Етиопија каде што не го знаат, а не сред Скопје, ладно негираше дека барал од Блерим Беџети, од ДУИ, да издејствува кај двајцата судии Албанци во судски совет одлука за негови потреби. Сите го слушнавме Беџети и неговата изјава, Заев тврди – тоа не постои. Тврдеше и дека не барал пресуда од Врховниот суд од Јово Вангеловски иако и тоа целата јавност го слушна од неговата уста. Тврди дека не постои средба помеѓу неговиот брат и осудениот Зоран Милевски Кичеец во време на истрагата за Рекет, иако пред судот тоа се потврди со полициските мерки за снимање. Заев тврди дека нема двојазични табли низ источна Македонија иако секој ден на порталите читаме како некоја од нив е скршена во Кочани, Пробиштип и каде и да се во тој крај.

Заев тврди дека Македонија е сега најмалку задолжена, иако само тој ја задолжи за нови 820 милиони евра кои се загубија и разделија меѓу Фамилијата низ разни тендери. Државните податоци, од оваа негова власт, велат дека Македонија во 2016-та, последната година власт на ВМРО ДПМНЕ била со јавен долг од 4,7 милијарди евра, а сега е скоро 5,5 милијарди евра или 49% од БДП. Според Министерство за финансии дневната камата за овој долг е 380.000 евра.

На секој изваден документ со податоци од страна на Мицкоски, Заев одговараше со не знам, не се сеќавам, не е точно... Не се сеќава ни дали има писмена пријава за Рекет. Ни за разговорот со Јово Вангеловски од Врховен, ниту на гаранциите дека ако добие мандат нема да се менува уставното име, заборавил и дека само пар дена претходно изјавил дека СДСМ не е веќе македонска партија... На ништо не се сеќава.

Врв на се е дека не се сеќава што пишува во Преспанскиот договор! Во документот кој со потпис на неговата власт ја избриша Македонија од картата на нациите и Македонците ги претвори во безлични граѓани на Северна, без право на жалба. Не се сеќава, па Мицкоски мораше да му го чита Преспанскиот, ставка по ставка.

Заев избрал да заборави се што му е терет на душата и кариерата. Да ја собере заработката од дванаесет години владеење во Струмица и три на Илинденска, и да тера свој раскошен живот понатаму, заборавајќи на се што сторил. А вие, ќе заборавите ли? Ако заборавате, секој ден имате прилика да бидете потстетувани, последиците се секаде околу вас.

(02.03.2020)

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата