Температурата на Антарктикот првпат во историјата надмина 20 степени

14.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Температурата на Антарктикот првпат во историјата надмина 20 степени

Темпратурата на Антарктикот за прв пат надмина 20 степени Целзиусови, соопштија научниците.

Бразилскиот научник Карлос Шафер изјави за АФП дека „никогаш досега не виделе толку висока температура на Антарктикот“.

Бразилските научници на островот Симор забележале на 9 февруари 20,75 Целзиусови степени, што е за речиси степен повеќе од претходниот рекорд измерен на островот Сињи во јануари 1982 година, а изнесувал 19,8 Целзиусови степени, пишува Гардијан.

рекордни мерења треба да ги потврди Светската метеоролошка организација, но се поклопуваат со трендовите забележани на Антарктикот, кој се загреа за речиси 3 Целзиусови степени во однос на прединдустриската ера. Тоа темпо на загревање се смета меѓу најбрзите на планетата.

Бразилските научници сметаат дека на тоа влијаат промените на океанските струи и климатската појава Ел Нињо.

Регионот на Антарктикот чува околу 70 отсто од свежата вода на планетата во облик на снег или мраз. Кога сето тоа би се стопило, нивото на морето би пораснало 50 до 60 метри, но тоа би траело неколку генерации.

Научниците на ОН предвидуваат дека океаните до крајот на овој век ќе бидат повисоки од 30 до 110 сантиметри, во зависност од резултатите на човечките напори да се намалат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина кои ја загреваат Земјината атмосфера и од чувствителноста на ледената покривка.

Најмногу е погодена областа на антарктичкиот полустров кон Аргентина. Таму е видливо топењето на глечерите кои се повлекуваат повеќе од 100 метри во заливот Дискавери.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата