Европскиот првак Вардар утре, пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ проти Мотор Запорожје ќе го одигра можеби најтешкиот меч во нејзината елитна историја.

Од една страна тоа е поради лошата состојба во клубот и заминувањето на Даинис Кристопанс и Павел Атман, буквално во пресрет на мечот, а од друга затоа што „црвено-црните“ со лимитиран ростер ќе се борат да го потврдат своето место во елиминациите од Лигата на шампионите.

Предолго вардаровите ракометари се борат со внатрешните проблеми и досега излегуваа како победници, а сега одново нивната сила и трпение се ставени на тест, но во оваа битка нема да бидат сами.

Навивачите потврдија дека трибините во СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат полни, со оглед на тоа дека нешто помалку од 1.500 билети се само останати во продажба на ден пред мечот. Вистина е дека дуелите на „црвено-црните“ знаеле со денови однапред да бидат распродадени, но и Мотор Запорожје, не се покажал како противник кој привлекувал внимание.

Но, сега ситуацијата е поинаква, а барем оние вистинските вардарови фанови нема да дозволат момците да бидат оставени сами на себе.