Нашите кошаркари полека фаќаат залет пред стартот на квалификациските дуели против Естонија (20.02) на домашен терен и против Русија во Перм три дена подоцна.

Веќе е добро познато дека во овој циклус влегуваме со релативно променет состав, предводникот на македонската репрезентација, Александар Тодоров одлучи дека е време за подмладување. Па токму овој новитет може да биде нашиот главен џокер, како и новата тактика која селекторот заедно со стручниот штаб ќе ја подготват за првата пресметка против Естонците (билетите за овој меч одамна се пуштени во продажба).

Со оваа репрезентација имаме лошо искуство од пред две и пол години, во претквалификаците за Светскиот Куп. И дома (76:80) и на гости (65:74) бевме поразени.

Имавме проблем, едвај собравме екипа. Од сегашниот список на Тодоров тогаш настапиле само двајца кошаркари, капитенот Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, во составот биле Ѓорѓи Чековски, Диме Тасовски, Александар Костоски, Игор Пенов, Бобан Стајиќ, Марјан Јанески, Кирил Николов и Џордан Теодор.

Затоа велиме дека токму промените може да ја донесат посакуваната прва победа со која ќе почнеме да чекориме на патот кон враќање на кошаркарска Македонија на европската карта.

Но, ќе мора да бидеме внимателни, во поширокиот список на селекторот на Естонија, Јука Тоијала се најде Раин Веидеман, кој на дуелот во Скопје постигна 26 поени од кои четири тројки. И оваа репрезентација направи промени, го нема Кристјан Кангур, уште играч кој ни правеше проблеми, како и Стен Сок.

Македонија во минатото беше доминантна во дуелите со Естонија, но ова се промени по последниот настап на ЕП во 2015 година, која во националниот тим се случија бројни промени и „црвено-жолтиот“ дрес стана неатрактивен за многумина кошаркари.