Италијанските Карабиниери со обука за македонските служби за спречување на екстремизам и тероризам

14.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Италијанските Карабиниери со обука за македонските служби за спречување на екстремизам и тероризам

Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот при Владата, во соработка со Делегацијата на Европската Унија, Единицата за специјални операции Карабиниери заедно со агенцијата „Studiare Sviluppo“ од Италија и со Министерството за внатрешни работи денеска го одржаа првиот промотивен настан на твининг проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот“.

Општата цел на проектот е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на националните органи за гранична контрола, управување со миграциските текови, борба против тероризмот и организираниот криминал, а негов специфичен фокус е зајакнување на техничките и административни капацитети за откривање, истрага и спречување на тероризам.

На промотивниот настан за проектот присуствуваа високи државни функционери, а се обрати и Националниот координатор на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБПТ), Борче Петревски.

Првата компонента на проектот е насочена кон зајакнување на институционалните капацитети на НКСНЕБТ, на Агенцијата за национална безбедност, како и на другите државни безбедносни служби со цел да се овозможи ефикасно и ефективно координирање на сите агенции кои работат на полето на спротивставување и спречување на насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам.

Втората компонента пак, е насочена кон зајакнување на оперативните капацитети на Бирото за јавна безбедност, за подобро спречување, заштита, следење и одговор на предизвиците поврзани со спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, согласно постоечките национални стратегии.

Во реализацијата на проектот партнер во делот на споделувањето на искуствата и во обуките како партнер е Единицата за специјални операции (ROS) и други високо специјализирани единици од Карабиниери кои ќе учествуваат во имплементацијата на активностите од проектот и ќе ги споделат италијанското искуство и најдобрите пракси.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата