Судот во Стразбур пресуди против Македонија поради земање на примерок од ДНК без судска наредба

14.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Судот во Стразбур пресуди против Македонија поради земање на примерок од ДНК без судска наредба

Европскиот суд за човекови права вчера донесе пресуда со која се утврди дека начинот на кој полицијата собира, обработува и чува ДНК материјал не е во согласност со членот 8 (правото на приватен и семеен живот) од Европската Конвенција за човековите слободи и права.

Пресудата се однесува на случај од 2013 година кога двајца жалители застапувани од правниот тим на Коалиција Маргини и ХОПС поднесоа жалба до ЕСЧП со наводи дека во октомври 2009 и февруари 2010 година, полицијата им земала примерок од ДНК без судска наредба и без нивна согласност под сомнение дека извршиле кривично дело.

Од граѓанската организација, Коалицијата Маргини велат дека оваа пресуда е исклучително важна за почитувањето на човековите права на граѓаните од страна на полицијата.

Според искуствата на Маргини и ХОПС, во периодот кога се извршени повредите, полицијата имала пракса на арбитрарно земање на ДНК примероци од луѓе што употребуваат дроги, прекршувајќи го нивното право на приватност.

Постапка пред домашните институции и пред ЕСЧП е водена од страна на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници МАРГИНИ и Здружение ХОПС- Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

„Апелираме, пресудата на ЕСЧП да се почитува и да се спроведе во најкус можен рок, пред сé преку донесување на јасна законска рамка за начинот на земање, обработка и чување на ДНК примероци и прекинување на практиката на произолно земање на ДНК примероци и унапредување на третманот кон луѓето кои употребуваат дроги од страна на полицијата“, велат од Коалицијата Маргини.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата