Весна Пусиќ: Идејата Хрватска да ја блокира Србија на патот кон ЕУ е самоубиствена

13.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Весна Пусиќ: Идејата Хрватска да ја блокира Србија на патот кон ЕУ е самоубиствена

Поранешната министерка за надворешни работи на Хрватска Весна Пусиќ рече дека идејата Хрватска да ја блокира Србија на европскиот пат е самоубиствена и глупава.

Пусиќ проценува дека доколку има критичка политичка маса во ЕУ подготвена да оди напред, Хрватска само ќе ги влоши односите со соседите.

Таа го рече ова во интервју за Јуропијан Вестерн Балкан (EWB) и додаде дека со тоа Хрватска само дополнително ќе се компромитира.

„Ова прашање во Хрватска е за внатрешна употреба – некои сили можат да го користат, па дури и на избори во рамките на една партија, во ХДЗ, но сериозно ова е чиста глупост. Хрватска мора да се обиде да ги реши билатералните односи пред една од овие земји да влезе во ЕУ, и тоа може да го стори доколку има релативно пристојни односи“, рече Пусиќ.

Според неа, единствениот начин да се почне тоа е ако постојат пристојни односи и одредена доверба, затоа што ако не постои може да правите што сакате, но ништо нема да се постигне.

Таа додаде дека ако игра паметно, Хрватска може да има значајна и позитивна улога во проширувањето на ЕУ.

Говорејќи за почетокот на преговорите меѓу Северна Македонија и Албанија со ЕУ, таа рече дека е многу важно до крајот на март двете држави да добијат датум за почеток на преговорите, како и дека верува, засновано на сегашната состојба на работите, дека тоа ќе се случило.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата