Во жестока расправа за хуманитарната состојба на надворешните граници на ЕУ во Европскиот парламент пратениците претежно на зелени и леви групации ја прозваа Хрватска за нехумано постапување со мигрантите на границата на БиХ, барајќи да се спроведе истрага, што хрватските европратеници се обидоа да го негираат, тврдејќи дека нема докази за тоа.
Тинеке Стрик, во име на „зелените“, рече дека правилата на ЕУ честопати не се почитуваат на границите и дека тоа, според сведоштвата, особено важи за хрватската граница.
„Минатата недела бевме шокирани кога сите актери го потврдија тоа насилно одвраќање, што хрватската влада одбива да го признае“, рече Стрик, која беше во делегацијата на „зелените“ минатата недела во Хрватска и БиХ.
Стрик ја повика Европската комисија да ги испита наводите.
Корнелија Ернст од Европската обединета левица/Нордиска зелена левица (ГУЕ/НГЛ) рече дека хрватската полиција била насилна кон мигрантите.
Европратеникот на ХДЗ, Томислав Сокол, истакна дека минатата година се уапсени 995 лица на хрватските граници и дека единствените кон кои хрватската полиција е немилосрдна се шверцерите и оние кои сакаат да се збогатат на туѓа несреќа.
Социјалдемократката Изабел Сантос рече дека „видовме неприфатливо однесување на хрватската полиција“ и повика на парламентарна истрага за случаите.
извор: Makfax