Најголемиот јапонски безжичен оператор НТТ Докомо, компаниите Sony и Amazon се последни во низата компании кои се повлекоа од учество на најголемиот конгрес на мобилни технологии што ќе се одржи во Барселона поради коронавирусот.

Досега шест компаниии се повлекоа од учество на Mobile World Congress (MWC 2020) на кој лани присуствуваа 100.000 луѓе, а беа организирани 2.400 изложби.

Јужнокорејската компанија LG и шведската компанија Ericsson претходно потврдија дека нема да учествуваат. Од Sony најавија дека ќе учествуваат преку видеоврска.

„Со оглед на тоа дека придаваме голема важност на сигурноста на нашите купувачи, партнери, медиуми и вработени, донесовме тешка одлука да се откажеме од изложување и учество на овогодишниот Mobile World Congress (MWC 2020)“, соопштија од Sony.

Организаторите најавија дека на ниту една компанија од кинеската провинција Хубеи нема да ѝ биде дозволено учество, додека посетителите од Кина ќе мора да докажат дека биле надвор од Кина две недели пред доаѓањето во Барселона.

Кинеските компании Huawei и ZTE ќе учествуваат на конгресот.

извор: USB.mk

Најчитани вести