Apple казнет со 25 милиони евра поради забавување на iPhone уредите

9.02.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Apple казнет со 25 милиони евра поради забавување на iPhone уредите

Француската агенција за заштита на потрошувачите денеска објави дека Apple се согласил да плати казна од 25 милиони евра затоа што не ги известил корисниците на iPhone дека ажурирањето на софтверот може да ги забави постарите уреди.

Скандалот избувна во декември 2017 година, кога американскиот технолошки гигант призна дека постарите модели на телефони се забавуваат по инсталирањето на најновата верзија на iOS, а тоа исто така влијае и на батеријата.

Критичарите ја обвинија компанијата дека ги принудува клиентите да купуваат нови модели порано отколку што е потребно. Протестите го натераа Apple да го ажурира софтверот и да понуди големи попусти за замена на батеријата.

Француските обвинители отворија истрага во јануари 2018 година, на барање на Здружението „Запрете ја програмирана застареност“.

– Сопствениците на iPhone не се информирани дека инсталацијата на ажуриран iOS (10.2.1 и 11.2) може да ги забави нивните апарати, се наведува во соопштението на Агенцијата за борба против измами.

Додека основачите на Здружението, Летиција Васер и Самуел Сауваж истакнаа дека „ова е историска победа над скандалозната пракса што се заснова на принципот само фрли и купи нов, како и победа и за потрошувачите и за околината.

Тие додадоа дека размислуваат да поднесат дополнителни барање за отштета на клиенти на iPhone.

извор: USB.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата