Дека играчите на Вардар се квалитет, доказ е и тоа што во последните неколку часови, откако се случи она што се случи вчера во хотелот „Титаник“ во Анталија, тие се на мета на менаџери. Посакувани се од клубови, како од нашата ПМФЛ, така и од странство. Секако дека во преден план е Даниел Аврамовски, но тука се и Гачевски, Брдаровски, Мицевски, Најдовски, Тошевски, Леовигалдо и останатите. Секако дека трансферна цел се и помладите, како Адем, Ибиши…

Откако слушнаа дека Вардар е пред распад, дека газдата им рекол дека може слободно да си побараат клубови зошто пари нема, сите играчи на Вардар, или барем поголемиот број од нив, уште сега може да си најдат нова средина. Но ќе се чека до утре, веројатно утре е денот „Д“ за ФК Вардар.

МЛАДИОТ СТОПЕР ПРЕД ТРАНСФЕР ВО БЕЛГРАД!?

Како што неофицијално дознаваме, за Марио Младеновски, младиот стопер на Вардар, била заинтересирана, ни помалку ни повеќе туку Ц. Звезда. Дури се споменува и сума од околу 300.000 евра која некогашниот европски и светски првак, би можел да ја уплати во касата на Вардар како отштета во случај овој трансфер да успее.

За деталите околу ова би можело да се дознае уште вечерва. Директорот Гоце Седлоски и тренерот Александар Васоски вечерва во Анталија, се поканети на мала свеченост од агенцијата која посредува или договара пријателски натревари во познатиот турско – туристички центар. Таму тие ќе имаат состанок со раководниот двоец на Ц. Звезда Ѕвездан Терзиќ и Драган Ѓајиќ. Па којзнае можеби вечерва ќе се разговара за трансферот на Младеновски во Белград.