Донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на Народната банка на нивото од 2 oтсто

15.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на Народната банка на нивото од 2 oтсто

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчера ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на присутните ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика, при што беше одлучено основната каматна стапка да се намали за 0,25 процентни поени, односно од 2,25 на 2,00 проценти.

Понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 15 јануари 2020 година e задржана на нивото од 25.000 милиони денари. Од НБРМ образложуваат дека одлуката за намалување на каматната стапка се темели на постојаните поволни движења на девизниот пазар, што довело до поголем раст на девизните резерви од очекуваниот, што, пак, упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења укажуваат на умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци.

Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, Комитетот оцени дека економскиот раст остварен во првите три квартали од 2019 година, од 3,6 проценти, е во согласност со проекциите за овој период од годината, а расположливите високофреквентни показатели за октомври-ноември се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал од годината.

Кога станува збор за промените кај потрошувачките цени, oстварената просечна годишна стапка на инфлација за целата 2019 година од 0,8% соодветствува со октомвриската проекција, односно е незначително под проектираната стапка од 1%. При инфлација што е нешто пониска од проектираната во октомври минатата година, како и при надворешни влезни претпоставки ревидирани во дивергентни насоки, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% засега се оценуваат како урамнотежени. Неизвесноста околу движењата на цените на примарните производи на светските берзи и натаму е главниот фактор на ризик за проекцијата на домашната инфлација за следниот период.

Последните податоци за девизните резерви, информираат од НБРМ, покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка. Показателите за адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие и натаму се во сигурната зона. Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври-ноември засега упатуваат на можност за остварување повисок трговски дефицит во однос на проекциите за четвртото тримесечје. Последните расположливи податоци за нето-откупот од менувачкото работење, заклучно со втората декада на декември, укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватни трансфери согласно со проекциите за четвртото тримесечје.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за декември покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се малку поповолни во однос на претходната оцена. Ризиците и понатаму постојат, поради што Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата