Макфест бара нов уметнички директор

14.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Макфест бара нов уметнички директор

Општина Штип како организатор на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2020“ објави конкурс за избор на уметнички директор.

Кирил Панајотов, координатор за фестивалот и советник за јавна дејност во Општина Штип, за МИА вели дека ова е редовна постапка и секоја година објавуваат конкурс за избор на уметнички директор.

Според него, многу е важно кандидатите да достават и Програма со визија за фестивалот, не само за оваа, туку и за наредната година.

– Покрај општите услови утврдени со закон, кандидатот треба да исполнува и  посебни услови –  да има соодветно високо образование – факултет/академија за музичка уметност- (ВИИ/1, да има над пет години работно искуство во дејноста за која конкурира и да има менаџерски способности, изјави Панајотов.

Конкурсот трае десет дена, сметано од денот на објавувањето. Информации за условите и за потребните документи за конкурсот се објавени на веб-страницата на Мултимедијален центар „Киро Глигоров“-Штип, а утре конкурсот ќе биде објавен и во дневниот печат.

Пријавите со Програмата и другата документација треба да се достават до Општина Штип, преку пошта на адреса: ул. „Васил Главинов” бр. 4 В – 2000 Штип или директно во Архивата на Општина Штип (со назнака: „За Макфест“) најдоцна до 15.30 часот од последниот ден од конкурсот.

Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ и годинава ќе се одржи на почетокот на октомври. Општина Штип има обезбедено средства за реализација на фестивалот, а дополнително се чека и на одговор за финансиската поддршка од Министерството за култура.

Колку за потсетување, последните две години оваа функција вршеше хит-мејкерот Владимир Дојчиновски-Дојчин.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата