Пријава против Валентин Инцко во Советот за безбедност за игнорирање на вахабистите 

13.01.2020
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пријава против Валентин Инцко во Советот за безбедност за игнорирање на вахабистите 

Претседателот на Српскиот клуб во Претставничкиот дом во Парламентот на БиХ, Ненад Стевандиќ, изјави дека Република Српска ќе го пријави високиот претставник за БиХ, Валентин Инцко  во Советот за безбедност на ОН бидејќи ги игнорира вахабиските и екстремистичките движења во БиХ, пренесува Радиотелевизијата на Република Српска.

„Инцко веќе со години го игнорира потенцијалниот тероризам во БиХ, каде што потенцијални цели се сите граѓани на БиХ, а повторно, од друга страна, се занимава со пријавување на вербалниот деликт на Милорад Додик“, рече Стевандиќ по повод најавата на Инцко дека ќе ја тужи Република Српска во Советот за безбедност на ОН поради изјавите дека е држава.

Тој за „Вечерње новости“ изјави дека Додик стотина пати рекол оти Република Српска е држава, а и сите политичари во РС го велат тоа.

„Нашата перцепција за Република Српска е дека таа е држава. Ние така ја чувствуваме. Знаеме ние добро каков е уставниот поредок во БиХ и дека тоа е сосем друго прашање“, вели Стевандиќ. Според него, никој во Република Српска не очекува Инцко да ја сака РС и да признае Денот на Републиката, па дури и кога би присуствувал на прославата на 9 јануари, би се знаело дека не ја сака.

„Но, тоа е проблем на Инцко, а не на Република Српска“, заклучи Стевандиќ.

Членката на Претседателството на СНДС, Душанка Мајкиќ, посочи дека Инцко никогаш не покажал ни минимум желба да ги изедначи ставовите кон двата ентитета во БиХ и дека секојпат со изјавите покажува оти е на страната на Бошњаците, а тоа веќе и не го крие.

Таа додаде дека последната ракција на Инцко на Денот на републиката е лоша порака и оцени дека РС не е држава во смисла во која ја смета Инцко, но дека е во смисла во која ја гледаат граѓаните на Република Српска.

„РС е република, а републиката е држава, му се допаѓало тоа на Инцко или не. Кога ќе се одлучува дали Република Српска е држава, Инцко сигурно нема да биде прашан за тоа“, рече Мајкиќ.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата