Изложба „Македонски стрип“ во Србија

22.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Изложба „Македонски стрип“ во Србија

Изминатиот викенд македонската стрип-сцена беше претставена во Србија, преку изложбата „Македонски стрип“, во галеријата при Центарот за култура во Ваљево.

Изложбата е дел од официјалната програма на третиот „Ваљевски стрип-фестивал“. На неа со свои дела беа застапени: Лазар Ангелков, Оливер Цветковски, Тоде Блажевски, Мирко Бојаџијевски, Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Максим и Александра Ристески ,Александар Стеванов , Александар Цакоски, Мирко Бојаџиески, Ване Трајков, Стефан Николовски, Васил Гаврилов, Јорданчо Давидовски, Илко Стојановски, Катерина Николовска-Тери и Љупчо Филипов. Селектор и промотер на македонските стрипови е Томе Трајков, координатор на Стрип-центарот на Македонија и на Меѓународниот салон на стрип во Велес.

„Избрани се стрипови од разни генерации, меѓу кои и на прерано починатиот бард на македонскиот стрип Љупчо Филипов. Доминираат стрипови од актуелните македонски автори што изложувале на Меѓународниот стрип-салон во Велес и во магазинот „Креатор“, единственото постојано стрип-издание кај нас“, вели Трајков.

Ова е едно од ретките групни организирани претставување на македонската стрип-сцена надвор од државните граници. Последен пат македонскиот стрип гостуваше во странство во 2013 година, кога во Лесковац, на Балканската смотра на млади стрип-автори, беше поставена изложбата насловена „Македонскиот стрип денес“.

Македонскиот стрип е застапен и меѓу наградените на стрип конкурс кадешто пристигнаа дела на 103 автори од 11 земји (Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Литванија, С.Македонија, Романија, Русија, Србија, Унгарија, Уругвај и Црна Гора).

Стрипот „Си беше еднаш еден човек“ на сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница е прогласен за најдобар во категоријата „раскажување“. Меѓу наградените е Златко Крстевски од Прилеп, кој беше прогласен за најдобар во категоријата „Општествен ангажман“.

Одлуката ја донесе жирито предводено од Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград и Дејан Богојевиќ, уметнички директор на фестивалот, а во отсуство на наградените автори, наградата ја прими Томе Трајков, координатор на Стрип центарот на Македонија.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата