Во организација на „Институтот за европски политики (ЕПИ)“ и „Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит“, се одржа дијалог за јавни политики на тема „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година“, на кој учествуваше и министерката Дескоска.
Во изјава за медиумите, Дескоска истакна дека најголемиот дел од законите се донесени, но дека недостасува нивна имплементација.
„Останува клучниот предизвик на Советот на јавните обвинители и Судскиот совет да почнат на спроведување на реформите со цел да добиеме независно, професионално судство и особено Јавно обвинителство, имајќи во предвид дека клучните почетоци на сите постапки во борба против криминалот и корупцијата треба да почнат од Јавното обвинителство. Уште пострашно е ако какви било сомневања постојат дека во Јавното обвинителство се затајуваат одредени предмети, дека не се преземаат одредени активности без оглед дали станува збор за активности на самите Јавни обвинители или со други носители на функции“,истакна министерката за правда Рената Дескоска.
Околу ветингот, министерката истакна дека процесот на ветингот бара двотретинско мнозинство, а дека тој процес не може да заврши пред изборите.
„Ниеден процес не треба да биде избрзан, но мене ми е драго дека веќе се јакне свеста и се отвора дебата и во рамките на самите правосудни институции дека потребни се одредени корекции во нивното работење“, потенцираше Дескоска.
извор: Makfax