Овде и сега

Неумесноста на “војувањето“

11.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Неумесноста на “војувањето“

„Народе, народе, чујте и почујте, Земјата е тркалезна, а вие сте аморфна, изгубена и непостоечка нација“ – извикна гордо не нашата, министерка за одбрана, додека клинкаво и сувозабесто се изнасмеа под мустак.

Вообразено и со ароганција, каква што и доликува на секоја една измислена величина, откако им ги искина еполетите на генералите кои речиси и да не виделе војна, а камоли да знаат што прави војска кога власта си игра „мижи татара“ со неа, одлучи да продолжи со својата исклучителна и неугледна леснотија да го погани и брише достоинството на нашата држава, на Република Македонија.

Потенцирам и апострофирам, не зошто не знаеме кои сме и од каде сме, туку зошто овие, кои сега на сила ја зедоа власта и одлучуваат за животот и за смртта во оваа, според нив, имагинарна држава, без ронка срам ги рушат сите мостови преку кои ние можеме да поминеме. Во време, кога статистиката ја определува политиката на едно општество, овој егзамплар на поразителна профилна рецесија ја надраснува сопствената негативна нула и истата никако да стане репер за тоа како не треба да се гради политички профил, туку сосема нелогично, станува репер за женското влијание во македонската политика?!

– Да се запраша човек, дали е сосема се во ред со перцепцијата, во услови кога имате волкава количина на стерилност, на неинвентивност, најстрашно, на незнаење и неинформираност за секојдневните обврски кои една високо профилирана јавна фигура ќе се дрзне да ја искаже сопствената незаинтересираност и во секој случај исклучителна неспособност.

Но, има одговор и за тоа, секако, во услови кога критичката мисла е сведена на пазарџиство, кога оние навидум покритичните креатори на јавното мислење мудруваат и калкулираат според кумулацијата на личното конто, за сметка на храбрите патриоти и мислители кои се удираат во ѕидови и прашалници околу тоа дали навистина сме попуштиле во сопствениот интелектуален дискурс или можеби е верно чуството дека неталентираноста и длабоката хипокризија ги контаминира однапред сите можни сетила на оние кои се распослале на шарениот тепих и потајно ги тријат дланките, сонувајќи медаљи на влакнестите им гради, еден ден, кога Сонцето од Кутлеш ќе ги грее и светите и грешните и кога повторно ВМРО цврсто ќе гази на тлото од она што остана од нашата крвосана и распарчена Македонија!

– Туку, да не ги збунам и онака грешните и слабите духом, та да не продолжи лаежот за апстрактноста, надреализмот и за другите погрешни впечатоци со кои платени или од суета се повикуваат да ме здушат, думата не ми е за овие плиткоумни и бескрајно глупави естрадни паразити, ами сосема на друго место ме носи умот кога се запрашувам, кој по Бога и го работи пиарот на скапо платената министерка за неодбрана, кога истата ред по ред пропушта толку многу детали, во услови кога етерот дише низ призмата на атлантската асоцијација???

– Во услови кога стана јасно дека оваа ненародна власт својата платформа ја темели на ветарот и маглата на наднационалните асоцијации, да нижите редица на гафови, претставува не само срам, туку и јавно признание за сопственото соучесништво во велепредавството на сопствениот народ и на сопствената држава.

Сега прашањето не се однесува на причинителите за ваквата бедна слика на ненародните претставници, ами на времето кое се одбројува и кое ќе го означи нивното неминовно заминување. Исто така, по истото, главното прашање е кога и со каков вредносен т.е. морален и судски систем истиве примери ќе се соочат со судот на правдата и дали ќе истраеме и ќе го покажеме своето вистинско лице, кое во ниеден случај не наликува на она кое го презентираат марионетскиве послужници, за кои говорев погоре. Одлуката е во наши раце, ние одлучуваме!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (11 декември 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата