Понеделнички

Никад више да не гласаш за мене!

8.12.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Никад више да не гласаш за мене!

Пред избори Заев се сетил дека во Македонија, освен тендери, постои и народ, па месецов ќе им дале пари за сликањето фискални сметки. За двеипол години покачија даноци до небо, само од даноци ни земаат секоја година по околу 200 милиони евра повеќе од минатите влади на Груевски и си ги потрошија во буџетот делејќи си тендери сами на себе, а во декември ќе им вратат 3,5 милиони евра од фамозното сликање фискални сметки. Па ти сега види, ќар ли си зијан ли си.

Затоа, и денеска се прашувам како секој што гласа за СДСМ успева да си објасни сам на себе зошто го прави тоа? Кои им се мотивите и која им е математиката. И не само што гласаат за таков СДСМ, туку преку нив ги држат на власт и ДУИ, и сите нивни национализми и дела и недела за кои им се суди дури и во Америка.

Кој забележал - добро, ама кој не еве да посочам, денес и Врховниот и Уставниот суд се раководени од кадри на ДУИ. Во Апелација од пет двајца судии се нивни... Какво Сваровски, какво Луј Витон судство, сето тоа е под команда на Мала Речица. Затоа Заев, кој е десет години под постојани сомневања и истраги, и за кого судовите се Оченаш, мора да им седи во скут, зависи од нив. Секоја чест на Тања Каракамишева за упорноста и знаењето но, иако Венецијанската комисија, врвна европска правна институција, решила дека Законот за двојазичност не чини и мора да се редуцира, иако ние имаме и законска обврска да ги следиме одлуките на Венецијанската комисија, Зоран Заев не смее ни да писне, ниту да ја спроведе европскава обврска. Тапијата за неговата власт ја чуваат во Мала Речица. Тој е само извршител на потребите на Арачиново, Грчец, Кондово, Тетово па се до Липково.

Да, Заев нема власт над четврт Македонија, и затоа се изживува врз сите останати.  Со Катица Јанева гонеа луѓе, апсеа, судеа се друго што има влијание и авторитет во државава, а им пречи во диктатурата. Гонеа според однапред стокмен план. Планот е: забавувајте се со СЈО, а заборавете на тендерите, Фамилијата и ДУИ.

Јас имам две обвиненија од Катица Јанева и СЈО добиени на 30 јуни 2017 година. Многу пред тоа, на 30 март 2016 година, бев повикан од Катица Јанева во нејзината канцеларија која тогаш се наоѓаше во зградата кај студентскиот дом Кузман. Состанокот траеше 70 минути. За тоа време, педантно, пушејќи цигара врз цигара, Катица ми ги наброја сите објавени прилози на Сител, и сите напишани колумни во Вечер во кои, според неа, се пишувало и зборувало на штета на нејзиниот углед и угледот на СЈО и Заев. Патем, ми кажа дека немам што да бранам, со ВМРО е завршено, нејзината фамилија Делиџакови отсекогаш била вмровска, и дека таа нема ништо лично против таа партија но, за ВМРО нема веќе место во политиката. Вистината беше сосема спротивна, и самата таа и целата нејзина фамилија, па дури и сватовите откако ја омажи ќерката се во СДСМ.

Уште тогаш Катица ми кажа дека мојата работа е проблем, тоа не може да оди така, и дека ги преслушала и лично моите телефонски разговори па според неа ќе треба да се спремам за две-три обвиненија и за затвор од десетина години. Телефонските разговори и беа дадени само три месеци претходно и, секако, ги немала преслушано бидејќи се 62.000 на број, а пресудите ми ги кажа 18 месеци пред и да бидат поднесени обвиненијата. Она што може да ме спаси, според неа, е да соработувам во истрагите за мои блиски соработници, како и за Миле Јанакиевски, Мартин Протоѓер и Кире Божиновски. Како што може да се види од подоцнежните случувања, СЈО ги исполни заканите на Катица.

Сличен настап Катица Јанева имаше подоцна, на ТВ24. На прашање на новинарот, среде истраги и почеток на судските процеси, што може да очекуваат Никола Груевски и Сашо Мијалков од обвиненијата на СЈО, Катица Јанева со насмевка ладно изјави дека за тие по пет-шест обвиненија, секој од нив двајца ќе добие по најмалку 20 години затвор. Нема што суд да решава, Катица знае се однапред.

Од сето што сега го гледаме секому е веќе јасно: првата фаза на обвиненија, оние до 30 јуни 2017-та, се чистење терен за власта и диктатурата на Зоран Заев. Втората фаза на истраги потоа, која ја оспори и Врховниот суд, се истраги за собирање рекет. Случајот на Орце Камчев е само највидлив доказ за тоа. И, тука се случува главниот заеб: Фамилијата ја преценила Катица Јанева, а го потценила Орце Камчев по што настанува курцшлус и пожар. Улогата на Боки 13 во таа приказна е само доказ плус колку власта забегала дека никој ништо не им може.

Газат се пред себе, помагани од своите медиуми и невладини организации кои создаваа атмосфера на дозволена тортура. Сашо Орданоски земал пари од СЈО за да пишува хвалоспеви за нивните прогони и бизнисите на Заев. Неговиот брат преку Фондот за изновации, примил 350.000 евра за непостоечка апликација. Се делат големи пари насекаде, па 250.000 евра од истиот Фонд се доделија за сопругата на друг новинар, Горан Михајловски... Следеа дебели плати дадени од рекетарската рака на Боки 13 за Борјан Јовановски, Ацо Кабранов, Чомовски... за да се плете лагата дека СЈО е секогаш во право, а Заев секогаш треба да биде во ќар. Милиони државни евра се потрошија на таа бајка за наркоза на народот.

И, бардето оди на вода се додека не се скрши. А се скрши на Орце Камчев кој е и попаметен и поитар од Заев и Катица Јанева на куп, плус и богат за да може да се бори и истрае во борбата без страв дека фамилијата ќе му заврши на улица.

Камчев сведочеше против Катица и Боки 13 и наброја: адвокат, министер,  судијка, обвинители, бизнисменот Чифлиганец... кои учествувале во рекетирањето. Наброја и неколку бизнисмени кои платиле рекет но, за разлика од Орце, немале храброст да го пријават тоа и да се борат за себе. Антонио Милошоски, педантно, изброја дека од рекет се земале околу 20 милиони евра, и дека дел од тие пари се употребени за кампањата на сегашниот претседател Пендаровски, со што од темел се доведува во прашање неговата легитимност на таа функција.

Орце на сведочењето ги пофали Заев и Шекеринска, со што јасно кажа од кого се уште се плаши, и кој е центарот на кримогената моќ. Заев во април знаел дека Катица рекетирала, ама и во јуни барал таа да остане на чело на СЈО, за што имал силни причини. Ако Орце го снимал Боки никој, па ни Заев и Фамилијата, не можат да бидат сигурни дека не ги снимал и нив. Најпосле, и Боки 13 се закани со снимки кои ја теретат власта дека учествувала во рекет и поделба на парите. Снимките на Боки 13 се кај обвинителката Вилма Рускоска, ќе видиме што од тоа ќе се појави во јавноста, а што ќе биде забошотено, оценето како нерелевантно за процесот.

Заев е фатен во стапицата што ја поставуваше за сите други. До толку е нервозен и несигурен што во Ѓорче се караше со тетка Перса која имаше забелешки за неговото владеење, а во паранојата низ која поминува ја обвини за хибриден напад! И не е само тој. Шилегов, очигледно под здраво дејство на алкохол, се искара со жител на Аеродром па му порача: Никад више да не гласаш за мене!

После се, за само една недела, Пендаровски го смени мислењето. Ако првин рече дека не гледа зошто би се одложиле изборите, викендов кажа - не е сигурен дека изборите ќе се одржат на 12. април. Значи, почнаа да купуваат време.

Пуштаат на Јутјуб кафански разговор со Орце Камчев, како закана за него, во кој Орце со Столе, гавазот на Заеви, зборува за помирување помеѓу власта и ВМРО што било од интерес за Фамилијата. Нешто како купувањето стан за Верушевски кој прелажан и неисплатен се одметна од Заев, знае многу а нема време за чекање.

На истиот Јутјуб има најмалку две изјави на Мицкоски околу тоа: не ми праќајте гавази, нема ништо од тоа, туку спремете се за судења и враќање на парите.

(09.12.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата