МЗТ Скопје ја оправда фаворитската улога против Вардар, на домашен терен го совлада со 97-80 (31-22, 20-24, 23-13, 23-21) во рамките на деветото коло во Првата лига.

Актуелниот првак одигра колку што беше потребно за да дојде до нови бодови за првото место на табелата, отвори со 15-2, гостите со серија од 9-0 намалија на 17-13, а потоа и израмнија на 19-19. МЗТ излезе како победник во првите десет минути, по 51-46 на одморот, во третата четвртина го најави триумфот.

Морнар со 22 поени и Стојановски со 18 поени беа први стрелци, на другата страна Нус имаше 34 поени.

Дебитантите во најсилното мак-првенство, Академија ФМП и вториот тим на МЗТ Скопје за првпат сезонава ги одмерија силите, победата отиде на контото на 84-79 (23-18, 19-27, 23-21, 19-13).

Овие два тима понудија интересна пресметка. Избраниците на Игор Гацов го имаа главниот збор во првите десет минути (23-18), по што во продолжение доминираа гостите. Младите „штркови“ во втората четвртина имаа водство од плус 9 (32-41) и двоцифрени 49-59 кон средината на третиот период.

Но, ова не беше доволно за лесна завршница. Академија ФМП се врати во мечот, направи целосен пресврт и на крајот дојде до третата победа сезонава.

Лонг и Харис беше победничкиот тандем, заедно постигнаа половина од вкупните поени, 45, кај гостите Мамузиќ имаше 24 поени и 9 скока.